1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германија оди понатаму покрај поразот од Литванија

Германската кошаркарска репрезентација успеа да се пласира во следната рунда натпревари на Европското првенство во Шпанија.

default

Дирк Новицки, клучната фигура во тимот на Германците

Но, не со така добра стартна позиција како што се надеваа играчите на тренерот Дирк Бауерман. Тие имено синоќа загубија од селекцијата на Литванија со 84 спрема 80.

По сјајната победа над Турција со цели 30 поени разлика, германските кошаркари наидоа на тежок противник. Играчите на Литванија направија голема разлика уште во првата четвртина и успеаја да ја задржат предноста наспроти големиот притисок од избраниците на тренерот Дирк Бауерман. Ѕвездата од НБА лигата Дирк Новицки по средбата прокоментира:

“Во таквата ситуација дадовме се‘ од себе, сите, се боревме и на крајот сепак глупаво изгубивме. Мислам дека имавме шанса кога Адемола го направи офанзивниот фаул, тогаш имавме можност да изедначиме или дури да победиме. А ако таква шанса не се искористи, тогаш се случува човек да загуби натпревар...“ - порача Новицки, кој го доигра натпреварот со последни сили бидејќи имаше повреден глужд.

Тој останува и понатаму најдобар стрелец на турнирот до сега со просек од 29 поени по натпревар.

По вчерашниот пораз од Литванија, која е исто голем фаворит за медал на Европското првенство, Германија влезе во следната фаза од турнирот како втора во групата. Трета е Турција која вчера ја совлада екипата на Чешка со 87 спрема 83. Следен противник на Германија во разигрувањето што продолжува во Мадрид е Франција. На патот до четвртфиналето ќе и‘ се најдат уште Словенија и Италија. Словенија мина во следната фаза како победник во групата Д, поразувајќи ги Франција, Италија и Полска. Интересно е што Грција како бранител на титулата европски првак и вторпласирана екипа на претходното Светско првенство си дозволи да загуби од селекцијата на Русија. А големо изненадување на турнирот е и испаѓањето на Србија, која во групата А вчера загуби и од Израел и пред време го заврши учеството на Европското првенство без и една победа. Ова е најлош резултат на српската селекција на европските првенства од 1947-та година.