1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германија оди на победа во Истанбул

Германската фудбалска репрезентација денеска во Истанбул игра против Турција. За Турците тоа е клучен дуел во квалификациите, а Германците имаат сосема поинакви мотиви

default

Нов дуел на Германија и Турција

И покрај обезбедениот пласман на Европското првенство во Полска и Украина следната година, на германската репрезентација не и недостасуваат мотиви пред вечерашниот дуел против Турција во Истанбул. Победа во овој и во последниот дуел против Белгија, ќе значи прв стопроцентен успех на Германија во квалификациите со резултат 10 од 10. Капитенот Филип Лам вели дека рекордот е добар мотиватор, но уште поважно е што играчите се свесни дека секој следен натпревар е и борба за обезбедување место во тимот кој ќе отпатува на првенството.

Селекторот Јоаким Лев на последната прес-конференција призна дека се соочува со проблеми со неколку повредени играчи, но најави дека ќе игра на победа. Мирослав Клозе нема да може да настапи и на негово место во стартната постава се очекува Марио Гомез. Ситуацијата е неизвесна и околу Месут Езил. И тој влече незгодна повреда, но сака да игра против селекцијата на неговите предци. Настапот на Езил е всушност и главната приказна околу која се вртат сите наслови во Германија и Турција во пресрет на мечот.

Fußball Deutschland Türkei EM Qualifikation Flash-Galerie

Месут Езил (лево) и Томас Милер

На првиот дуел, во Берлин, кој Германија го доби со 3:0, Езил постигна гол, но не го прославуваше. Притоа тој беше жестоко исвиркан од турските навивачи на стадионот, кои ги имаше околу 40 илјади. За дел од Турците, Езил е предавник поради тоа што одлучи да игра за Германија, и покрај тоа што е роден и израснат во земјата. Тој самиот, пак, пред мечот во Истанбул вели дека не му пречат свирежите и навредите од публиката.

Турција е моментално втора во групата А, и потребна и е победа за да обезбеди учество во баражот за првенството.

Автор: Борис Георгиевски/ афп/дв

Редактор: Симе Недевски