1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија оди кон супербрз интернет

Во Мајнц се одвива лицитацијата за нови фреквенции за мобилна телефонија, кои се ослободија откако радијата преминаа на дигитална техника. Aукцијата претставува инвестиција за супербрз интернет.

default

Државата од наддавањето секако може да очекува милијарди, веројатно помалку од десет, но можат да испаднат и многу повеќе. Лицитацијата ја води Сојузната мрежна агенција, која го надгледува конкурентскиот натпревар во телекомуникациите кај мрежите за снабдување со електрична енергија и гас, како и кај поштенските услуги. Шефот на агенцијата Матијас Курт истакнува:

„Многумина во Европа, а не само во Германија, ќе ја следат аукцијата, оти таа ја отсликува проценката на пазарот за вредноста на спектарот на фреквенции. Но, многу поважно е дека резултатот од аукцијата ќе донесе со себе и поттик за иновации на пазарот на мобилна телефонија.“

Курт илустрира дека во САД веќе сега се случува да не можат вистински да се искористат сите можности на модерните смартфони поради ограничените патишта за пренос на податоци.

„Сакаме да спречиме таков развој во Германија и затоа е важно навремено и однапред да се додели спектарот на фреквенции. Ова решение ќе биде од значење за повеќе од десет, дваесет години. Доделувањето на фреквенции е иницијална каписла за знак за старт за целокупниот пазар во оваа сфера“.

Ќе се лицитира за спектар на фреквенции со огромен волумен од повеќе од 40 блокови, а тоа е повеќе отколку што денес користат сите понудувачи на мобилна телефонија заедно. Посебно интересни се спектрите во подрачјето од 800 мегахерци, кои се ослободија со дигитализирањето на телевизиските сигнали. Тука и со малку предаватели се покрива голема површина, а радиобрановите најдобро поминуваат низ ѕидови и други пречки. Тоа, пак, значително ги намалува трошоците за мрежната инфраструктура.

Учесниците на аукцијата ќе добијат од новите фреквенции под услов прво да ги покријат со брз интернет селските подрачја, каде поради трошоците досега не се инсталирани скапите кабловски врски. Дури потоа ќе можат со новата супер-брза техника да ги катапултираат во нова ера на мобилната телефонија лукративните големи градови.

Mobile World Congress in Barcelona Flash-Galerie

Побарувачката поголема од понудата

Но, ни најтешки услови немаат некакво застрашувачко дејство врз заинтересираните.

„Побарувачката далеку го надминува она што го нуди Сојузната мрежна агенција. Текот на аукцијата ќе покаже колку се посакувани овие фреквенции, оти тие отвораат шанси на пазарот, шанси во технологијата и многу друго“, вели Матијас Курт.

Во лицитацијата учествува големата четворка од браншата - Германскиот Телеком, Водафон, Е-плус и О2, која ги исполни поставените услови. Сосем е неизвесно колку ќе трае целиот спектакл, смета шефот на Сојузната мрежна агенција и споредува:

„Наддавањето во 2000 година за УМТС (у-ем-те-ес) фреквенции траеше околу три недели и имаше 173 аукциони рунди. Овој пат се понудени двојно повеќе фреквенции отколку тогаш, а аукциската рунда ќе трае 90 минути, наспроти тогашните 40“.

Aвтор: Клаус Улрих / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска