1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија не му дава азил на Сноуден

Сослушување на информантот Сноуден во Германија е жежок костен за владата во Берлин. Сепак треба да се преиспита дали е тоа можно во Москва, рече министерот Фридрих. Како тоа би се извело, засега е неизвесно.

Одборот за контрола на тајните служби на Бундестагот повторно дебатираше за обвинувањата за шпионажа од страна на американските тајни служби. Германскиот министер за надворешни работи Ханс Петер Фридрих по вонредната седница на одборот потврди дека Сојузната влада останува на својата позиција, дека поранешниот соработник на тајните служби на САД Едвард Сноуден нема право на азил во Германија, бидејќи не е политички прогонуван.

Претседателот на одборот Томас Оперман соопшти дека Германската влада била повикана да провери, дали би било можно сослушување на Сноуден во Москва, без да му се нанесат дополнителни потешкотии на Сноуден. Тој не би можел да биде поканет во Германија, доколу дефинитивно не би се исклучила можноста потоа да биде израчен, рече социјалдемократот Оперман.

Во името на партијата на Зелените пратеникот Ханс Кристијан Штребеле, кој минатата недела во Москва разговараше со Сноуден, повторо се заложи за прифаќање на информантот во Сојузна Република Германија. Без неговите информации мобилниот телефон на канцеларката Ангела Меркел би бил прислушуван и денес, нагласи Штребеле.

Шефот на кабинетот на канцеларката и координатор на германските тајни служби Роланд Пофала по средбата соопшти во јавноста дека соработката со американските тајни служби ќе биде „темелно разгледана“ за да може да биде поставена на „нова база“.