„Германија не е самопослуга за Европа“ | Европа | DW | 12.01.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Германија не е самопослуга за Европа“

Дали германските закони се косат со европското право? ЕК се чини е уверена во тоа. Ставот на Брисел во врска со правото на социјална помош за доселениците во Германија за Берлин доаѓа во многу неповолен момент.

„Еврократско безумие“, вака генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија Андреас Шоер го оцени ставот на Европската комисија, кој од петокот (10.01.2014) доминира во медиумите во Германија. Изјавата од Брисел се интерпретира вака - Германија не смее паушално да им ускратува социјална помош на дојденците од ЕУ.

Andreas Scheuer CSU

Андреас Шоер

Комисијата своето гледање на темата го формулираше по веќе поведената постапка за неа пред Европскиот суд. Документот, објавен во петокот, дополнително ја разгоре веќе постоечката дебата за т.н. сиромашни мигранти. Христијанско-социјалната унија од Баварија веќе со недели ја бранува јавноста со крајно сензибилната тема преку слоганот „Кој мами, ќе лета“. Се работи за случајот на една Романка и нејзиниот син, кои од 2010. година постојано живеат во Германија, а чие барање за социјална помош во Германија, Харц 4, е одбиено. Судот за социјални прашања од Лајпциг жалбата на Романката ја проследи до судиите од Европскиот суд во Луксембург на разјаснување.

„Ова не е продавница за самопослужување“

Bildergalerie Wanderarbeiter

Млад Бугарин на пат кон Германија

За Христијанско-социјалната унија барањето за ист третман на Германците и ЕУ-странците во поглед на социјалната помош Харц 4 е како „кец на десетка“ - во март во Баварија се одржуваат комунални избори, а во мај ќе се избира новиот европски парламент. Шоер ја користи шансата: „Националните системи за социјална заштита не се продавници за самопослужување за сите Европејци кои ќе дојдат кај нас“, изјави тој во Минхен. За него е шокирачки начинот на кој „ЕК лекомислено ги торпедира националните системи за социјална заштита“.

„Ако бирократите од ЕК во Брисел од нивните суперлуксузни бироа сакаат да посегнат по нашиот систем за социјална помош, ќе следи огорчен отпор од ЦСУ. Германија никогаш не смее да биде самопослуга за Европа“, вели тој.

Непријатна дискусија за германската влада

Steffen Seibert PK Merkel Unfall 06.01.2014

Штефен Зајберт

Во коалициониот договор на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и Социјадемократската партија на темата интеграција на странците е посветено цело поглавие.

„Сакаме да го задржиме прифаќањето на полната слобода на движење во рамките на ЕУ. За таа цел ќе преземеме мерки против неоправданите барања за добивање социјална помош од граѓани на ЕУ“, стои во документот.

А како германската влада си ги замислува овие мерки, се‘уште не е јасно. Во следните месеци тоа треба да го разјасни работна група на ниво на државни секретари од различни сојузни министерства.

Во врска со ставот на Европската комисија за жалбата на Романката од Лајпциг, портпаролот на германската влада Штефен Зајберт реагираше видно изнервиран:

„Го кажав она што имав да го кажам од името на владата и канцеларката: во тек е постапка пред Европскиот суд, ќе има и усна расправа, затоа ништо не би додавал“.

Деманти од Брисел

Symbolbild Armutsmigration Europa

Општините не можат да се справат со напливот доселеници

Владиниот портпарол Зајберт истакна дека социјалното законодавство е национална работа и дека Германија засега останува да се придржува на досегашната пракса на рестриктивни права за доселениците во тој поглед. На повторените прашања за реакциите во владата на ставот на Комисијата на ЕУ, портпаролот избегна директен одговор.

Европската комисија во петокот потоа брзо демантираше - Брисел даде појаснување: Германија во никој случај не мора да исплаќа социјална помош на сите невработени ЕУ-граѓани. Спротивните информации се „се разбира, целосно погрешни“, истакна портпаролката на Комисијата, Пиа Аренкилде Хансен. Уште на 5. декември 2013. година заменик-претседателката на ЕК, Вивиен Рединг пред Советот на министритеза внатрешни работи на ЕУ јасно кажала - слободата за движење за работниците во ЕУ не значи автоматски и гаранција на правото на социјална помош, укажа таа.

Строги Британци, великодушни Холанѓани

Ulrich Maly Oberbürgermeister von Nürnberg 23.11.2013

Улрих Малу

Во многу од 28-те членки на ЕУ постојат нејасни законски формулации за темата. Во Велика Британија се предвидени строги проверки на потребата од социјална помош. Холанѓаните пак се пофлексибилни и потолерантни. Финска во официјалните документи на ЕУ истакнува дека социјалната помош е навистина последно средство за помош. Секој конкретен случај крајно е препуштен на оценка на локалните служби. Во овој контекст во некои други членки на ЕУ имаше дури и протерување во случај кога примателите стануваа „несоодветно и несразмерно оптоварување“. Но, досега остана неспорно: по пет години престој, граѓаните на ЕУ без проблеми можат да побараат социјална помош во друга ЕУ-држава. ЕК укажува на тоа дека градоначалниците на општините кои поради сиромашни мигранти се соочуваат со финансиски проблеми, можат да побараат средства од европските социјални фондови и да се справат со бранот дојденци.

Предупредување од Заедницата на градови на Германија

Во Германија за социјалната помош се надлежни општините. Ако се реализира позицијата на ЕК, тогаш општините ќе имаат основа за загриженост, вели Улрих Малу, претседател на Заедницата на градови на Германија и градоначалник на Нирнберг во интервју за Дојче веле.

„Тогаш германската влада мора политички да се активира. Никој нема ништо против слободата на движење, но во Европа не постои социјална унија, социјалната политика е надлежност на земјите-членки, а тоа така мора и да остане, се‘ додека придонесите се толку различни“, истакнува тој.

Херман Генц, одговорен за прашањата на трудот и социјалата во градот Манхајм, напротив, без возбуда гледа на постапката пред Европскиот суд, зашто во краен случај ќе мора да реагира државата. Во разговор за Дојче веле тој истакнува: „Ако им ги ускратуваме социјалните права на луѓето, ќе ги тераме во илегалност. Наместо тоа, ние мораме да ги поддржуваме, но и да бараме од нив“.