1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Германија - мојата приказна

Германија (не) е доселеничка земја

Ретко околу некоја друга тема во Германија се спори толку долго и жестоко како околу доселувањето. И за ретко која друга тема има толку различни мислења.

Ако се работи само за разјаснување на фактите, спорот би бил одамна завршен. Зашто, бројките говорат недвосмислено - во Германија живеат околу седум милиони луѓе со странско државјанство. Ако се додадат оние кои го зеле германското државјанство и нивните деца, се доаѓа до бројка од дури 15,7 милиони. Со други зборови, секој петти кој живее во Германија, има странски корени, или како што тоа политички се формулира, „мигрантска заднина“. Со оглед на овие статистики, се чини, констатацијата „Германија е доселеничка земја“ е банална.

Дебата водена од страв

Но, сепак, одвреме навреме, се острат вербални ножеви за повторно разгорување на дебатата. На пример пред две години, кога политичарот на Социјалдемократската партија Тило Сарацин во својата книга „Германија се укинува себе си“, укоруваше за, според негово мислење, погрешната политика на доселување, неподготвените за интеграција од страна на муслиманските доселеници и опасноста која и‘ се заканува на земјата. Книгата со недели беше на врвот на листите бестселери и доминантна тема во сите дебатни емисии. Наскоро дебатата не се водеше само околу книгата, туку одеднаш се зборуваше за успешна и неуспешна интеграција и „добри“ и „лоши“ доселеници. Кај многу странци и Германци со странски корени тоа остави непријатен впечаток.

Тука стана јасно: не се работи толку многу за факти, туку за стравовите кои може да бидат поттикнати. Советот на германските фондации за интеграција и миграција со години се жали на „непостоење култура на добредојде“. Раководителката Гунила Финке критикува што на луѓето со странско потекло многу често им се посредува ставот дека тие „не припаѓаат тука вистински, тие се навистина родени тука, можеле да завршат училиште и да студираат, но тие сепак се‘ уште не припаѓаат вистински кон Германија“.

Привлекување високообразувани странци

Тоа води до актуелната дилема: дел од населението се плаши од доселувањето, додека браншите кои се во бум, како ИТ-индустријата, бараат висококвалификувани странци. Тоа што толку малку луѓе побарале „зелена карта“, а ниту за идната „сина карта“ нема да се чека во никој случај во редици, се разбира има врска со германскиот јазик, но не само тоа.

„Нашите правила за доселување се сметаат за рестриктивни“, констатира Штефен Ангенет од фондацијата „Наука и политика“:

„Во реалноста овие правила би дозволиле поголемо доселување отколку што го имаме. Но, тоа не се сфаќа така. Така, доаѓаат помалку луѓе отколку што нам всушност ни се потребни“.

Од кога е тоа така? Во повоениот период Германија беше одушевена од странската работна сила. Тоа беше во средината на 1950-те години, кога почна т.н. стопанско чудо и немаше доволно домашни работници за да се наполнат фабриките и рудниците. Беа склучени договори за привлекување странски работници, прво со Италија, потоа со Шпанија и Турција, подоцна со Мароко, Тунис, Португалија и екс-Југославија.

Flash-Galerie Gastarbeiter Anwerbeabkommen

Првите генерации доселеници

Гастарбајтери со повратна карта?

Терминот „гастарбајтер“ се одомаќинуваше се‘ повеќе и повеќе, тој звучи пријателски, но истовремено требаше да потенцира дека се очекува по извесно време тие работници да се вратат дома. Вакви очекувања патем имаа и земјите од кадешто доаѓаа работниците во Германија. Дури и многумина од дојдените работници самите дојдоа со ваква намера. Но, излезе поинаку. Во 1973. година германската влада најави стопирање на привлекувањето работници, зашто невработеноста за време на нафтената криза се зголеми. Наместо да ја искористат повратната карта за татковината, многу работници си ги носеа семејствата во Германија. Во редовите на политиката растеше стравот. Партиите на Унијата и Либералите во нивниот коалиционен договор во 1973. година запишаа:

„Германија не е доселеничка земја. Треба да бидат преземени сите хуманитарно спроведливи мерки за спречување на доселувањето странци“. Против ваквите пароли на етаблираните партии се формираше „мултикулти“ ориентирано движење на толеранција во левиот спектар, до длабоко во 1990-те години околу темата се дискутираше жестоко.

Интеграцијата во фокус

По германското обединување дебатата помалку ја разгоруваа „гастарбајтерите“, а повеќе две нови групи: бегалците од распаднатата Југославија, како и стотиците илјади Германци по потекло, кои од Источна Европа и Централна Азија се враќаа во Германија и можеа директно да добијат германски пасош. Неплодниот фундаментален спор - дали Германија сега е доселеничка земја или не, постепено ги заобиколуваше попрагматичните прашања: како луѓето со странско потекло подобро да бидат интегрирани во општеството? И како да се насочува доселувањето?

Правила со бројни исклучоци

Дека на Германија и‘ е потребно доселување, во меѓувреме е неспорно. Не само поради тоа што Германците раѓаат премалку деца и затоа наскоро се закануваат дупки во социјалниот и пензискиот систем, туку и затоа што постои и недостиг од стручна работна сила. Тоа е случај во областите каде е потребна висококвалификувана работна сила, во ИТ-секторот, како и негуватели во болниците и старечките домови.

Никакво чудо што Законот за доселување од 2005. година, кој годинава беше „подновен“, наликува на „швајцарско сирење“, како што се изразува Гунила Финке:

„Во Германија е стопирано привлекувањето работници, не сакаме доселување. Но, постојат многу, многу дупки, а тоа се исклучоците“.