1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија нема да учествува во воен напад против Сирија

Греманската влада нема да учествува во евентуален воен напад на САД врз Сирија. Опозицијата во основа е против напад, зашто би водел кон ескалација на насилство.

Ставот на официјален Берлин не е неочекуван. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле денеска ја отфрли можноста Германија да учествува во евентуалниот воен удар врз Сирија.

Вестервеле за весникот „Ноје оснабрикер цајтунг“ рече дека воена акција од Германија не е побарана, ниту земјата таква можност разгледува. Германија значи нема да се приклучи на „Коалиција на согласните“, предводена од САД. Но, владата во Берлин останува на ставот дека употребата на хемиско оруќје не смее да остане без последици.

„Меѓународната заедница мора да заземе јасен став околу тоа“, изјави владиниот портпарол Штефен Зајберт во Берлин. Германската влада би сакала соодветен сигнал од ОН, на што моментно се концентрирани дипломатските напори. „Се надеваме дека никој во Советот за безбедност на ОН нема да ги затвори очите пред вакво злосторство. Неговите димензии ќе бидат појасни по извештајот на инспекторите на ОН. Се‘ засега зборува дека зад делото стојат силите на сирискиот режим“, истакна Зајберт. Инспекторите на ОН ја завршија работата и утре ја напуштаат земјата.

Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин вчера се согласија дека е неопходно Советот за безбедност на ОН прво да го проучи извештајот на експертите на ОН за хемискиот напад во Дамаск.

Германската опозиција, пак, во основа е чекор подалеку од владата во однос на германско учество во евентуален воен напад врз Сирија. Кандидатот на Социјалдемократската партија за канцелар, Пер Штајнбрик, е против воена интервенција, зашто таа само ќе ја засили спиралата на насилство.