1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија на лентата за претекнување

Според најновите проценки на владата, стопанството годинава во Германија ќе забележи раст од 3.4 проценти, што е двојно повеќе од првичните очекувања. Тоа директно ќе влијае и на квотата на невработеност.

default

Правец нагоре - министерот за економија, Рајнер Бридерле (ФДП) ја претстави есенската прогноза

„Бележиме раст, и тоа со полна пареа. Годинава очекуваме 3.4 проценти економски раст, што не било случај од економскиот бум по повторното обединување. Исто толкав раст забележавме и во 2006 година. Со тоа, Германија е локомотива на европската конјуктура“, објави министерот за економија, Рајнер Бридерле, при претставувањето на есенската прогноза денеска (21.10.2010) во Берлин.

Според него, економскиот раст на Германија може да послужи за пример. Опоравувањето на економијата се должи на општото опоравување во светот, како и зголемената меѓународна трговија, особено во областа на индустријата. Како резултат на тоа, уште есенва се очекува бројот на невработени, првпат по 1992 година, да падне под границата од три милиони лица и да остане на тоа ниво во текот на следната година.

Трендот на стопански раст треба да продолжи и во наредната година, проценува германската влада. Догодина се предвидува тој да изнесува 1.8 проценти. Бридерле нагласи дека позитивниот развој се должи и на зголемувањето на внатрешната потрошувачка во земјата, демантирајќи ги тврдењата дека Германија профитира на штета на другите држави: „Извозот е наша силна страна не поради некоја државна стратегија, туку поради одлуките што ги носат самите компании. Ние не манипулираме со валути, кај нас нема протекционизам и не тргуваме на грбот на останатите партнери, туку се залагаме за фер натпревар. Притоа не сме меѓу најдобрите во светот само во извозот, туку и во увозот, со што им помагаме и на земјите од каде увозуваме“, објасни Бридерле.

Курсот на штедење продолжува

Exportweltmeister Deutschland Hamburger Hafen

Извозот повторно главен мотор на германското стопанство

Според министерот за економија, сега е вистински момент да и` се стави крај на државната помош за банките и претпријатијата и да се укинат конјуктурните пакети. „Од проблематичен ученик, германската економија се претвори во примерен, дури и во меѓународни рамки“, се пофали германскиот министер за економија, но додаде дека зголемувањето на даночните приходи нема да значи и автоматско откажување од плановите за штедење. „Политиката на штедење ќе продолжи да се спроведува“, нагласи Бридерле.

Што се однесува до даночните олеснувања, министерот за економија смета дека тие, пред се`, треба да се однесуваат на средната класа. „Претпоставувам дека уште во тековниот легислативен период ќе паднат одлуки по ова прашање“, вети Рајнер Бридерле.

И покрај очигледно позитивната економска прогноза, владата сепак е повнимателна во проектирањето на стопанскиот раст, за разлика од водечките економски институти. Според нивните минатонеделни проценки, бруто-националниот производ на Германија оваа година треба да забележи раст од 3,5 проценти, додека наредната година 2,0 проценти.

Автор: ТТ/ГЧ/афп/дпа/ројтерс/дв

Редактор: Жана Ацеска

Поврзана содржина