1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија и Франција - успешни и покрај разликите

Новиот француски претседател денеска (15.05) пристигнува во официјална посета на Берлин. По уиграниот двоец, Меркел - Саркози, германската демохристијанска канцеларка ја очекува соработка со социјалистот Оланд.

Интимна прошетка по плажите на Довил, конспиративни средби и телефонски разговори, размена на длабоки погледи за време на прес-конференции со новинарите - на овие слики јавноста се присетува кога ќе помисили на политичкиот двоец Меркел - Саркози, кој во последните години остави силен белег врз европската политичка сцена.

„Меркози“ влегува во историјата

Kombibild Francois Hollande Angela Merkel

Новиот француски претседател Франсоа Оланд и канцеларката Ангела Меркел

Меѓутоа, овие времиња се минато. На конзервативниот претседател Никола Саркози избирачите му покажаа црвен картон, во полза на социјалистот Франсоа Оланд. Сега ќе се покаже дали од двоецот „Меркози“ ќе настане двоец „Мерколанд“. Вакви комбинации со имиња не се новина. Кога поранешниот француски претседател и социјалист Франсоа Митеран демонстративно го поддржуваше неговиот германски колега, социјалдемократот Хелмут Шмит, по многу прашања за надворешната политика, медиумите ја смислија кованица „Шмитеран“.

Robert Schuman ehemaliger Außenminister Frankreich

Роберт Шуман, првиот претседател на Европскиот парламент

Германско - француското пријателство е и основа за европската интеграција: „Обединувањето на европските нации не е можно без да исчезнат со столетија старите спротивставености меѓу Германија и Франција. Започнатото дело мора во прва линија да ги зафати Германија и Франција“, рече уште во 1950 година францускиот министер за надворешни работи и подоцна првиот претседател на Европскиот парламент Роберт Шуман.

Соработка и покрај политичките разлики

Германско - француското помирување медиумски впечатливо започнаа да го реализираат првиот повоен германски канцелар Конрад Аденауер и францускиот претседател Шарл де Гол. „Аденауер и Де Гол го започнаа процесот на помирување меѓу двете земји и ја поставија базата за германско - фрнацуските односи, а со тоа и темелите за Европа“, смета Клер Демесме од Друштвото за надворешна политика. Де Гол подоцна не успеа да воспостави исти пријателски односи со канцеларите Курт Георг Кисингер и Лудвиг Ерхард. Истото би можело да се каже и за социјалдемократскиот канцелар Вили Бранд со конзервативниот претседател Жорж Помпиду.

Нова ера во германско - француските односи настапи во 1974 година, со доаѓањето на власт на Хелмут Шмит од СПД и францускиот претседател Валери Жискар Дестен од граѓанско- либералниот блок. Двајцата државници заеднички ја надминаа нафтената криза и ги поставија темелите за денешната монетарна унија, односно за еврото.

Deutschland Frankreich Francois Mitterand Helmut Kohl Verdun

Хелмут Кол и Франсоа Митеран

Доказ дека е можна успешна соработка и покрај припадноста кон различни политички табори пружија канцеларот Хелмут Кол и претседателот Франсоа Митеран, кои до денес се сметаат за едни од најистакнатите борци за европската идеја. Слична соработка беше продолжена и во мандатот на Жак Ширак и Герхард Шредер. Така во 2001 година се роди и традицијата за заеднички консултации на германската и француската влада кои се одржуваат секои осум седмици.

И покрај мрачните најави на некои медиуми, многумина веруваат дека тесната соработка меѓу Берлин и Париз ќе продолжи и по промената на кормилото на француската држава. А за тоа колкаво значење првиот човек во Елисејската палата им придава на односите со соседот, говори и фактот што Оланд по преземањето на функцијата веднаш патува за Германија.