1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија и Франција бараат гранични контроли - почеток на крајот на Шенген?

Контролите на границите треба повторно да станат национално прашање - германскиот и францускиот министер за внатрешни работи бараат воведување контроли во Шенген-просторот во исклучителни случаи, пишува „Зидојче Цајтунг“

„Германија и Франција сакаат повторно воведување контроли на националните граници, во случај европските надворешни граници на југ и исток да не се доволно обезбедени“, пишува денеска (20.04) „Зидојче Цајтунг“ и продолжува:

„Граничните контроли би требало да бидат можни како ’ултима рацио и само за одреден временски период’, бараат во писмо германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих (ЦСУ) и неговиот француски колега Клод Геан. Конкретно, министрите за внатрешни работи во писмото од 17. април, на три страници бараат националните влади да имаат ’можност за повторно воведување гранични контроли за период од 30 дена’. Дали за такво нешто се исполнети предусловите, одлучуваат самите влади. Предлогот би требало да се разгледува на наредната средба на министрите за внатрешни работи, наредниот четврток (26.04). Одлуката би би била донесена најрано во јуни“, пишува „Зидојче Цајтунг“.

На истата тема „Шпигел Онлајн“ денеска потсетува:

„Барањето не е сосема ново. Фридрих уште пред неколку недели ја подгреа дебатата околу внатрешните европски гранични контроли и ожнеа критика. ’Внатрешни контроли ни се потребни не само за одделни настани, како фудбалски натпревари или големи конгреси, туку и кога земјите членки веќе не ги исполнуваат своите обврски’, изјави тогаш Фридрих за диселдорфскиот весник ’Рајнише Пост’. Отворените граници во Шенгенскиот простор не би смееле да бидат ’влез за илегалните миграциски движења’, рече министерот и најави дека заедно со својот француски колега ќе се бори за реформа на правилата.“

Европа од слаби држави е заеднички слаба

„Тагесшпигел“ прашањето на Европа го третира од друг агол. Во текстот на Мориц Шулер под наслов „Европеизирана беспомошност“, се констатира дека земјите членки на ЕУ веќе не знаат како натаму. Потсетувајќи на изјавите на германскиот претседател Јоахим Гаук, дадени за време на неговата прва посета на Брисел пред неколку дена, авторот пишува:

„Гаук не е единствениот кој со оглед на драматичниот развој на настаните во Шпанија и враќањето на евро-кризата, бара повеќе Европа. Тоа го бараат и Меркел, Шојбле, Баросо во секој случај. Аргументот гласи - со повеќе Европа не би запаѓале во криза. Притоа, останува отворено - зошто една заедничка европска економска и финансиска политика би спречила европските држави заеднички да се задолжуваат? Па дури и ако повеќе Европа би не‘ заштитила од криза, има друго прашање: дали повеќе Европа, за што благослов даде Сојузниот претседател, ќе не‘ извлече од кризата?

Тоа е неверојатно поради тоа што националните влади веќе доживеаја неуспех. Европа е престара и непродуктивна, нема природни ресурси и и‘ го врти грбот на традиционалната политика. Стабилноста во Европа е се‘ уште толкава, само поради тоа што динамиката на континентот е толку мала. И токму сега, кога од се‘ може да има само помалку, одеднаш треба да има повеќе Европа? Повеќе Европа денес не може да значи ништо друго освен префрлање на одговорноста за јатото невработени и за катастрофалната економска состојба во Брисел. Не се европеизира моќта, туку беспомошноста... Европа е во криза, затоа што секоја земја посебно е во криза, а во време на криза можностите за дејствување се мали. Реченицата на Сојузниот претседател ’Како Европа сме силни, како национални држави недоволно силни’ веќе не е точна. Како Европа, во најдобар случај, сме заедно слаби“, констатира Мориц Шулер во текстот објавен во „Тагесшпигел“.