1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија и Пактот за стабилност

Германскиот министер за финансии, Ханс Ајхел, денеска застана зад Пактот за стабилност. Тој истовремено го поддржа и барањето на шефот на СПД, Франц Минтеферинг за предност на издатоците во образовна и научна цел, на сметка на стриктното држење до одредбите од Пактот.

Педро Солбес и Ханс Ајхел во Брисел

Педро Солбес и Ханс Ајхел во Брисел

”Меѓу мене и Минтеферинг нема различен став во однос на Пактот за стабилност”, изјави денеска во Брисел, на маргините на средбата на министрите за финансии на ЕУ, германскиот министер Ханс Ајхел. Тој додаде: ”Ние не сакаме измени на Пактот за стабилност. Станува збор за негова вистинска примена.” Ајхел рече дека не може да исклучи оти буџетскиот план за 2005 година ќе укаже на дефицит кој ќе ја надмине границата од три проценти од брутодомашниот производ, но тој ќе направцци се за границата да се испочитува до крајот на наредната година.

Лидерот на германските социјалдемократи, франц Минтеферинг, претходно рече дека е против стриктно држење до границата од 3%:

”Ако Европа сака да има добра иднина , мора да се реши кои три проценти и се најважни. Трите проценти кои велат – сакаме да ги вложиме во образование и истражувања до 2010 година, или трите проценти кои сакаме да ги дадеме за ново задолжување, соодветно на брутодомашниот производ. Мислам дека Пактот за стабилност и пораст, како што се вика, нели, мораме да го земеме сериозно предвид, но порастот притоа е исто така важен аспект. ”

Наспроти тоа, европратеникот од редовите на ЦДУ, Елмар Брок, бара дисциплина:

”Како една полска влада инаку ќе му објасни на својот парламент дека треба да се зачува дисциплината за да се остварат условите за воведување на еврото, ако Германците и другите и сами не се држат до одредбите, со што се разбира на коцка се става веродостојноста на валутата.”

Канцеларот Шредер денеска е воздржан во врска со изјавите на Минтеферинг и на прашањето на новинарите што е поважно – образование и истражувања или Пактот за стабилност, одговори со контрапрашање: ”Што е поважно за годинашната жетва – сонце или дожд?”