1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Германија и Индија сакаат да ги прошират меѓусебните односи на сите полиња

Премиерите на двете земји Ангела Меркел и Манмохан Синг во Њу Делхи договорија и поблиска соработка кај заштитата на климата. Ќе продолжи и германската развојна помош за Индија. Меркел е во 4-дневна посета на Индија

default

Меркел и Синг во Њу Делхи

Добро расположение, пријателски изрази на лицата, согласност во суштинските работи. Средбите на Ангела Меркел во Њу Делхи немаа за цел да донесат некаков епохален пресврт, туку натамошно продлабочување на меѓусебните односи. Потпишана е серија договори пред се’ од областа на економијата и на науката, договорено е стратегиско партнерство на двете земји.

Ќе продолжат и заедничките напори обете земји да добијат постојано место во Советот за безбедност на ОН. “Ако Советот треба да ги одразува реалностите на 21-от век, тогаш е нужна негова реформа. Ние согледуваме растечка подршка за тоа, но се’ уште има пречки. Нашите две земји се договорија да соработуваат по тоа прашање” – рече индискиот премиер Манмохан Синг.

Договорено удвојување на трговската размена во наредните 5 години

На посетата на германскиот канцелар во Индија и’ се придава врвно значење. Мотор на билатералните врски недвосмислено останува економијата, оцени Ангела Меркел. Минатата година во трговијата беше пробиена границата од 10 милијарди евра. До 2012-та година обемот треба да биде удвоен. “Со Индија некои работи се поедноставни, оти можеме да сметаме на заедничките искуства. Индија има потенцијал, кој ни оддалеку не е толку исцрпен, како што веќе со години тоа го правиме со Кина. Но, вратите овде се отворени и делегацијата од стопанството покажува дека има голем интерес” – изјави Меркел.

И покрај добрите бизниси, и натаму ќе продолжи германската развојна помош за Индија. “Развојната соработка сакаме натамошно да ја прошируваме врз областите на заштитата на климата, снабдувањето и ефикасното користење на енергијата, енергија од обновливи извори. Овде произлегуваат нови можности” – нагласи Меркел.

Премиерите заеднички дадоа знак за тргнување на “Сајенс-експресот”, воз во кој се презентирани научните феномени и германските истражувања. Во наредните 7 месеци возот ќе помине низ 56 индиски градови. Ангела Меркел денеска ќе престојува во индиската финансиска метропола Бомбај.

Кристоф Хајнцле