1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија или Грција - кој прв ќе излезе од еврозоната?

На земјите погодени од кризата на еврото им се препишува постојано истиот лек: реформи и штедење. Таквиот концепт не го критикуваат само синдикатите, туку и финансиската бранша.

Пациентот Грција лежи в кревет и стенка. Економијата назадува, се укинуваат работни места, населението протестира на улиците. Лекарите, „тројката“ на ЕУ, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, редовно го мерат пулсот и бараат од пациентот уште повеќе да штеди. „Не се поставува прашањето дали, туку колку мора да се штеди. Нема полза од медицината ако таа го убие пациентот“, вели во свое име Вилијам Вајт, економист од Канада, советник во ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој).

Нужни се други лекови

Грчкото стопанство назадува веќе четири години. Цели професионални групи ја напуштаат земјата; отселувањето на добро образовани кадри е забележливо и во Шпанија и Португалија. „Ако така се поткопува јадрото на продуктивните сили, што на пациентот му се заканува смрт, тогаш нема никаква смисла нему да му се дава се’ повеќе од истите лекови“, вели Вајт за ДВ.

За стопанството да може повторно да бележи пораст, Грција и другите земји на периферијата на еврозоната мораат да бидат конкурентни, вели Елга Барч, главен економист, надлежна за Европа во американската банка  „Морган Стенли“. Порано тоа можеше да се постигне со девалвацијата на националната валута. „Во монетарна унија мораат цените и платите да бидат флексибилни - угоре и удолу. Така може да се постигне прилагодувањето, што порано се правеше со менувачките курсови на валутата“, рече Барч на една неодамнешна конференција за долговите.

Погрешна политика води во катастрофа

Притисок врз платите има веќе и од високата невработеност. Секој петти работоспособен Грк и секој четврти Шпанец се без работа. Кај младите во обете земји секој втор е невработен.

Тие бројки се алармантни и се фактичкиот проблем во Европа, нагласува Чарлс Дамес, финансиски експерт од Лондон. Но, ЕУ се интересира само за програми за штедење. „Тоа е во основа погрешно и е целосна травестија на модерната економија“, изјави тој за ДВ. „Таков вид политика во 30-те години на минатиот век водеше во катастрофа. Тогаш во многу земји на власт дојдоа диктатори - Франко во Шпанија, Салазар во Португалија“.

Syntagma Platz in Athen

Се’ повеќе сиромашни поради кризата

Грчките долгови се безвредни

Налозите од ЕУ за штедење предизвикуваат масовна сиромаштија и Дамес за тоа ја прекорува пред се’ германската влада: „Германска иницијатива е санацијата на финансиите да се стави над се“. Посебно поради тоа, што мерките за штедење во Грција немаа никакви позитивни ефекти: „Минатата година буџетскиот дефицит изнесуваше 11 проценти од бруто-домашниот производ (БДП). Годинава веројатно ќе бидат десет проценти. Но, БДП во ова време многу се намали, оти стопанството беше во рецесија. Значи, Грците и натаму трупаат долгови, додека приходите со кои тие треба сето тоа да го платат, се’ се помали“. За британскиот експерт резултатот е јасен: „Грчките долгови се безвредни“.

Кој прв ќе го напушти еврото?

Секои три месеци земјите од еврозоната мораат едногласно да ја одобрат наредната транша од помошта за Грција. Ситуацијата нема да се подобрува, па е само прашање на време додека да се промени расположението во земјите-донатори, смета  Дамес: „До крајот на годинава ќе им дојде преку глава на другите и ќе ја исфрлат Грција од еврозоната“.

Потоа ќе настане честопати дискутираниот домино-ефект. Прво Португалија, па Шпанија, можеби дури и Италија ќе мораат да го напуштат еврото, ако сакаат повторно да бележат стопански пораст. „Мислам дека тоа е најверојатното решение на проблемот. Под предуслов да не се освестат во меѓувреме Германците и тие први да го напуштат еврото“, со насмевка вели Дамес.