1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија избегна рецесија

Германската економија за малку избегна рецесија. Во првиот квартал годинава целокупниот економски учинок се зголеми само за 0,1 процент, проценува Заводот за статистика.

По наглиот пад на крајот на 2012 година од јануари до март годинава беше забележан само мини пораст од 0,1 проценти, ја соопшти денеска проценката германскиот Завод за статистика. Економистите кои ги анкетираше новинската агенција Ројтерс во просек очекуваа плус од 0,3 проценти. Во завршниот квартал минатата година економскиот ученик опадна за 0,7 проценти, податоци кои не се регистрирани по кризната 2009 година. Два последователни квартали во минус значат рецесија.

„За ваквиот слаб пораст на почетокот на годината улога играа и екстремните зимски временски услови“, оценуваат статистичарите од Визбаден. Од тие причини многу градилишта во февруари и март останаа затворени. Импулсите за порастот „речиси исклучиво дојдоа од приватните домаќинства“, кои ги имаа зголемено своите трошоци. Претпријатијата напротив, со оглед на несигурноста поради должничката криза инвестираа помалку. Исто така малку импулси пристигнаа и од надворешната трговија, бидејќи се намалија како извозот така и увозот.

Позитивни изгледи

Со оглед на подобрената состојба со налози за индустријата и очекуваното пролетно заживување во градежништвото по долгата зима се очекува продолжување на позитивниот тренд, оцени неодамна германското Mинистерство за економија. Поради ниската невработеност, покачувањaта на платите и ниската инфлација конзумот во моментов е добар како последен пат во октомври 2007 година.

Во споредба со претходната година брутодомашниот производ во првиот квартал е намален за 1,4 проценти. „Ваквото силно уназадување се должи и на календарските разлики. Во кварталот за кој е направен извештајот имаше помалку работни денови отколку претходната година“, појаснија статистичарите. Кога ќе се изземат ваквите нерамномерности економскиот учинок е опаднат за само 0,2 проценти.