1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германија - здрава исхрана од контејнер!

Во Германија годишно се фрлаат 11 милиони тони храна, дел од неа уште употреблива. Постојат луѓе кои ноќе одат по потрага по неа по контејнерите за отпад. Со тоа се хранат и протестираат против расипништвото.

Штефан и Ларс се студенти кои всушност имаат пари да живеат, но од принцип храната ја собираат од контејнери. Штефан тивко го потпира велисипедот на ѕидот. Ја вклучува ламбата прицврстена на челото и навлекува ракавици. Ноќе е и тој изгледа како рудар кој се подготвува за влез во окно. Но, Штефан во својот град Минстер бара друг вид богатство: нечујно го отвора капакот на контејнер за отпад. Од него полетува рој мушички, но Штефан и Ларс веќе навикнале на крилестите напасници.

Тие љубопитно ја проверуваат содржината на контејнерот, копаат низ сметот и по нешто извлекуваат на површина. Нешто фрлаат назад, нешто бришат и го проверуваат квалитетот. Во еден од контејнерите има цел рид јагоди, рибизли, дури и овошје увезено од Етиопија. Во другиот има куп зеленчук: моркови, пиперки и краставици.

„Мислaм дека ќе најдеме нешто подобро, со помалку мушички“, заклучува Ларс по првата станица на својата ноќна експедиција. Но, посетата се исплатеше и овде: јаболка, неколку пиперки и кромид. Ларс е задоволен:

„Утре и така имав намера да готвам, така што кромидот е добредојден“.

Се фрлаат единаесет милиони тони храна

Двајцата студенти се нуркачи во отпад. Целта им се контејнери на супермаркетите и дисконтерите, а бараат употребливи прехранбени производи. Ларс веќе неколку месеци живее од таа храна:

„Го гледав филмот ’Тест д вест’ (Пробај го отпадот) и прилично ме погоди. Затоа и почнав“.

Зашто, во Германија постои причина за протест, поради купиштата храна кои се фрлаат. Се проценува дека секоја година во Германија на отпад стигнуваат единаесет милиони тони храна. Со други зборови, секој граѓанин годишно фрла храна колку што е самиот тежок. Според истражувањата на Министерството за потрошувачи, дури две третини од фрлената храна всушност е целосно или делумно употреблива.

Штефан извлекува пакување од три пиперки и шепоти:

„Ова е типично, едната е гнила, а другите две се здрави“.

Но, целото пакување завршува во ѓубре. Нерасипаните пиперки завршуваат во ранецот на Штефан, а пријателите ја продолжуваат својата експедиција“.

Самопослужување или кражба?

Следната станица е мал проблем: контејнерите за отпад на супермаркетот не стојат на улица, туку се оградени со жица. Ларс веќе беше подготвен да ја прескокне оградата, но тогаш гледа дека дел од вработените се пред излезот и пијат пиво. Пријателите затоа продолжуваат натаму.

Зад следниот супермаркет контејнерите стојат зад метални врати за да ги гледаат минувачите. Проблем е што веднаш зад продавницата е полициската станица. Всушност, тоа што го прават двајцата студенти правно е сива зона.

Се‘ додека отпадот не го соберат ѓубреџиите, тој се‘ уште припаѓа на продавницата. Кога, пак, контејнерите не се на јавна површина, туку во дворот на супермаркетот, студентите вршат кражба.

По правило, никого не го интересира што прават тие, се‘ додека не расфрлаат ѓубре по улицата и не прават бучава. Освен тоа, пребарувањето по контејнерите се исплатеше, полни се со индустриски пакувана храна, пецива, чоколада, има вреќа компири, праски, банани.

„Не дај Боже бананата да има некоја темна дамка, тогаш таа завршува во ѓубре“, коментира Штефан. Зашто така е во Германија, потрошувачите бараат само совршени плодови.

Потребни се трпение и добри нерви

Одеднаш се приближува полициско возило со запалено ротирачко светло. Пријателите не се возбудуваат посебно, возилото не доаѓа по нив, туку свртува кон полициската станица.

Двата ранци на студентите се веќе полни. Тие го следат мотото - да земат само она што им треба и што ќе го изедат во скоро време или ќе го подарат на некој пријател. По правило, најголем дел од производите завршува во лонец уште следниот ден, а во експедиција одат двапати неделно.

„Целосно ја пречкртав нездравата храна од студентската менза, сега се хранам само со свежи производи“, вели Штефан. Нуркањето по отпадот освен тоа му користи и на неговиот паричник.