1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија заработува на грчката криза?

Кредитите за Грција се добра можност за заработувачка за Германија, смета грчкиот екс-министер за финансии, Евангелос Венизелос. Германските финансиски експерти се со друго мислење.

Во последните две години Германија заработи 400 милиони евра, гласи пресметката на првиот човек на социјалдемократскиот Пасок, Евангелос Венизелос. Причина се високите камати на грчките кредити.

„Тоа е лудост“, вели Јерг Кремер, директор-економ во Комерцбанк.

„Се разбира дека Грција плаќа камати, но тие се екстремно ниски и во никој случај не ги покриваат реалните ризици поврзани со овие кредити“.

Грција од Германија добива кредити по субвенционирани услови, подвлекува Кремер:

„Од таа причина Германија сигурно не заработила на нив. Уште помалку ако се земе предвид дека приватните инвеститори и‘ отпишаа 100 милијарди евра долгови на Грција“.

И самиот германски министер за финансии веќе укажа на фактот што Грција платила значајни камати за кредитите од Германија. Но, Кремер не е убеден во тоа:

„Ако Шојбле тоа го прикажува како приход, тоа е во намера да ги смири гласачите во Германија и да ги замагли реалните издатоци за висината на грчката помош“.

Ризиците за Грција и нејзините кредитори се познати. Можен е нов отпис на долговите и тој силно би ги погодил државите од еврозоната и Европската централна банка. Кога германскиот министер за финансии беше конфронтиран со вакво сценарио, тој се повика на други извори:

„ММФ, ЕЦБ и Европската комисија сметаат дека со договорените мерки во 2010-та година Грција ќе постигне задолженост од 120, 5 проценти од брутодомашниот производ“.

Од денешен аспект, од ситуацијата во која Грција моментно се наоѓа, тоа за 2020-та година може да се вреднува како „должничка способност“.

Застрашувачко сценарио

Всушност, договорената граница на задолжувања за земјите од еврозоната изнесува 60 проценти од БДП. И тоа не е без причина, нагласува шефот-економ во Комерцбанк, Јерг Кремер:

„Се разбира, постои значителен ризик во еден момент меѓународната заедница да го прекине давањето свеж капитал на Грција“.

Зашто, можно е „Грција да не може да ги враќа своите долгови“.

За ваквата перспектива министерот Шојбле не се изјаснува. Ако го направи тоа, јавноста таквата изјава ќе ја толкува како најава за истапување на Грција од еврозоната. Наместо тоа, Шојбле во игра воведува индиректно можност за нови кредитни пакети по истекот на актуелните.

„Оваа програма според правилата на ММФ, има рок од три години. Затоа не се исклучува уште пред 2010-та година да бидат поставени натамошни барања“.

Прерарано е за шпекулации, истакна Шојбле. Сепак, тој подоцна може да се повика на овие изјави и можноста за нови кредити.

Проблемот не е решен

Надежта за Грција сега се нарекува „економски развој“. Ако грчката економија повторно земе замав, можат да бидат вратени и долговите. Кај германската јавност сега се создаде впечаток дека во прашање се неколку години: Грците мора да покажат поголем ангажман, да ја реформираат администрацијата и државата, да ја сузбијат корупцијата и да ги исполнат барањата на ЕУ во поглед на финансиската помош.

Дури и ако успеат во тоа и инвестираат во браншите кои имаат иднина, проблемите не се решени, предупредува професорот Александер Критикос, директор за истражувања и член на раководството на Германскиот институт за стопански истражувања:

„Ако успее финансирањето иновации во Грција, може да се смета дека земјата за десет, петнаесет години ќе биде во состојба да генерира доволно државни приходи за враќање на овие долгови“.