1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е подготвена да плати за посилна Европа

Кристоф Хаселбах
13 март 2018

Коалицискиот договор на идната германска влада, вчера (12.03.) официјално потпишан во Берлин, се занимава со Европа како ниеден досега. Во него се предвидени и реформи на ЕУ - но пречките се огромни.

https://p.dw.com/p/2uDVT
Deutschland Unterzeichnung Koalitionsvertrag
Фотографија: picture-alliance/dpa/AA/E. Basay

Толкаво ангажирање за Европа ретко се гледа денес во некоја владина програма. Тоа го покажува и самиот наслов на  Коалициониот договор на идната германска сојузна влада на ЦДУ, ЦСУ и СПД:  „Нов поттик за Европа“. Иако деталите воглавно остануваат недоречени, во Договорот сепак се воочува големо одушевување за Европа.

Новата влада сака генерално да ја зајакне ЕУ и, заедно со Франција, да ја реформира - првенствено еврозоната. Таа се залага за нов инвестициски буџет за еврозоната, а тоа е проект за кој во повеќе наврати се залагаше францускиот претседател Емануел Макрон. Европскиот механизам за стабилност (ЕМС) би требало, според желбата на германската коалиција, да биде претворен во вистински Европски монетарен фонд кој на државите-членки би им помагал во случај да западнат во тешкотии, а контролата над него би требало да ја има Европскиот парламент. Тука е запишано и едно изненадувачко ветување: „Спремни сме и на тоа Германија да уплатува поголем износ во буџетот на ЕУ.“ Во задината на тоа е фактот дека, по излезот на Велика Британија од ЕУ, би недостигала една голема земја која во европскиот буџет би уплаќала повеќе отколку што би добивала од него. Германија е подготвена да покрие дел од дупката која настанува со Брегзит.   

Европската комисија, сосем разбирливо, е одушевена од овој снажен европски дух на новата германска влада, а одушевени се и бројни пратеници во Европскиот парламент. Шефот на пратеничката група на Европската народна партија, Манфред Вебер преку Твитер порача: „Тоа е јасен европски потфат и одговор кон популистите.“ Неговиот социјалдемократски колега Џо Лајнен изјави за германското радио Дојчландфунк: „Европското обединување е една од последните визии кои ги имаме во политиката...Поглавјето за Европа е порака навнатре, но и порака кон партнерите дека на Германија може да се смета во позитивен смисол.“ 

Symbolbild Groko - Koalitionsvertrag
Проевропски Коалициски договорФотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

„Унија на трансфери и долгови?“

Европските амбиции не наидуваат секаде на одобрување, посебно се критикува финансискиот ангажман на Германија. Политичари од германските Либерали, ФДП и од Алтернатива за Германија, АфД, и на национално ниво и во Европскиот парламент, исто како и некои членови на ЦДУ, предупредуваат на опасноста од формирање „унија на трансфери и долгови“, однос дека Германија ќе мора да плаќа туѓи долгови. Експертот на Либералите за економија, Волф Клинц изјави дека германската владејачка коалиција, со зголемување на уплатите во буџетот на ЕУ, се претвора во „соучесник во криминалните работи на левичарската влада во Грција.“ Клинц стравува од тоа дека Германија, која со години е сметана за пример со одговорното однесување кон државните финансии, во иднина ќе ги плаќа долговите на другите во Европската унија. 

Уште поостра е критиката на Клеменс Фуест од Минхенскиот економски институт Ифо. Тој смета дека поглавјето на Коалициониот договор за Европа е „катастрофално“, зашто Германија е спремна да плаќа повеќе, а за тоа не бара никакви противуслуги. Тоа е, вели тој,„неверојатно лекомислено и непромислено.“ Финансиски послабите земји на ваков начин се охрабруваат својот товар да го префрлаат на Германија, смета Фусет, а планираниот европски инвестициски буџет за него е нешто непотребно, зашто одделни држави можат сами да инвестираат. „Оваа програма може да се фрли во канта за ѓубре и да се прави нова“, потенцира Фуест.

Frankreich Angela Merkel & Emmanuel Macron
Ангела Меркел и Емануел Макрон - преценета соработка? Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Euler

Преголема ориентација кон Франција

Проблематично се чини и тоа што идната германска влада во европската политика се потпира само на германско-француска соработка. Без неа, точно е, ништо не би функционирало, согласни се стручњаците, но Германија и Франција не можат ништо да постигнат без приклучување на другите земји. А соработката на ниво на цела ЕУ моментно не функционира добро.

Уште и самата идеја на Макрон за воведување функција министер за финансии на еврозоната и зголемување на буџетот не наиде на одобрување, не само во делови од германската политика, туку и во Австрија, Холандија, па и трите нордиски членки на ЕУ. Тука се и нерешените судири во самата ЕУ околу миграциите и распределбата на бегалците. Првенствено источноевропските држави се противат на распределба на бегалци според квоти, иако одлуката за тоа е донесена на ниво на Унијата, на што Меркел постојано укажува и што е потенцирано и во Коалицискиот договор. 

..прочитајте уште: 

Моја Европа: ЕУ нема да умре, но има огромен проблем!

Европската комисија пак им префрла на Полска и на Унгарија за недоволно почитување на начелата на правната држава, а напредокот на ЕУ го успоруваат и преговорите за Брегзит. Исто така, во практично сите членки на ЕУ јакнат десно-8популистичките и ЕУ-скептични партии, што го отежнува „новиот напредок на Европа“, каков што посакуваат ЦДУ, ЦСУ и СПД во Германија.

Italien Wahlkampf Lega Nord - Matteo Salvini, Parteivorsitzender
Матео Салвини од Лега бара „Италија на прво место“Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Ansa/A. di Marco

Изборите во Италија како „пресвртница“

Напредокот на реформите на ЕУ можеби најмногу ќе го закочи исходот од изборите во Италија, трета по големина земја во еврозоната. Повеќе од половината Италијанци гласаа за партии кои не сакаат посилно поврзување во рамките на ЕУ, туку послабо. Двете победнички партии, движењето Пет ѕвезди и Лега, колку и да се различни, се противат на продлабочување на европските интеграции. Кај нив дури се јавуваа и барања за напуштање на заедничката европска валута, еврото, иако во последно време ваква опција веќе не се споменува. Покрај тоа, треба да се има во предвид дека составувањето влада во Италија ќе биде тешко и долготрајно, па земјата затоа отпаѓа како активен учесник во обликувањето на реформите.   

...прочитајте уште: 

Италија го покажува трендот во Европа

Во Берлин се свесни за проблемите. Најдоцна по изборите во Италија, „мораме да се загрижиме за состојбата на ЕУ,“ вели Гунтер Крихбаум, претседател на Комисијата за Европа во германскиот Бундестаг. Се заканува опасност од целосен пресврт. Атмосферата во која се зборува за некаков европски напредок, а која ја шират Макрон и германскиот Коалициски договор, би можела да биде затруена и пред да дојде до било каков напредок.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид