1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германија е на најдобар пат да го обезбеди учеството на наредното европско првенство

Победа на Германците над главниот конкурент и тоа на негов терен. Квалификационите средби од викендот донесоа и неколку изненадувања.

default

Каков пресврт за само една година: лани во март Германија беше поразена од Италија со 4 спрема 1 и скепса се вовлече кај сите. Во меѓувреме: трето место на светското првенство, само еден пораз во 19 натпревари – и тоа против светскиот првак Италија! Саботната квалификациона средба против Чешка во Прага беше уверлива демонстрација на силата на германската селекција – победата од 2 спрема 1 можеше да биде и поубедлива.

Како бедем во одбраната, како отровни стрели во нападот – така сојузниот тренер Јоахим Лев ја оцени играта на своите избраници. Двојниот стрелец Кевин Курањи беше еден од најзабележливите актери: “Тоа во секој случај беше чекор напред за мене. Се радувам дека можев да му помогнам на тимот и ќе се обидам и натаму да го правам тоа” – рече 25-годишниот напаѓач од екипата на Шалке, кој пред 15 месеци го загуби местото во репрезентацијата, а сега, по враќањето, заедно со погодокот на пријателската средба против Швајцарија, постигна три гола на 2 средби.

Капитенот Михаел Балак и Торстен Фрингс, за кого наводно е заинтересиран Јувентус, доминираа на средината на теренот. Во централниот дел на одбраната Мертесакер и Мецелдер беа непробоен тандем. “Мислам дека екипата има енормна самодоверба врз основа на светското првенство. Би можело да се каже дека на светското првеснтво во сопствената земја натпреварите за нас беа на домашен терен. Но, ние сме во состојба и на гостувањата да настапиме доминантно и тоа покажува дека екипата енормно натамошно се разви” – коментираше Кристоф Мецелдер.

Германија сега има 13 од 15 можни бодови, гол-разлика од 21 спрема 3. Квалификациите се тукуречи решени за германската репрезентација и може полека да почнат да се коваат планови за Европското првенство: преостанатите 7 настапи можат да се вклопат во плановите за подготовка за наредната цел – освојување на европската титула во 2008-ма година, на првенството што заеднички ќе го организираат Австрија и Швајцарија.

В среда, кога исто така се играат квалификациони средби, Германија е слободна и ќе игра пријателски натпревар против Данска. Осуммина од составот од Прага се поштедени, шанса добиваат играчи како Кислинг, Кастро, Хилберт, Фриц, Шулц Мадлунг и целосните дебитанти Зимон Ролфес од Баер Леверкузен и Патрик Хелмес од вторлигашот Келн. Сојузниот тренер Јоахим Лев, под чие раководство на осум настапи репрезентацијата забележа седум победи, само на гостувањето во Кипар одигра нерешено и има гол-разлика од 29 спрема 4, сепак и в среда ветува игра на победа.

Во реакциите во Чешка се зёборува за “Ноќ на срамот”, како што пишува прашкиот весник “Блеск”. “Победа во групата е минато, сега станува збор само да се обезбеди второто место” – оценува весникот “Спорт”. “Германците повремено на притиснаа до ѕид” – оцени и чешкиот национален тренер Карел Брикнер.

20-те квалификациони дуели од саботата не поминаа без изненадувања. Казахстан, член на УЕФА од 2002-ра година, против фаворизираната Србија ја забележа историската прва победа воопшто. Во категоријата изненадувања може да се вброи нерешениот резултат на Романија на гости кај Холандија, потоа победата Босна и Херцеговина како гостин против Норвешка, како и нерешениот резултат на Малта на гостувањето кај Молдавија. Во посебно скокотливиот дуел Турција ја нокаутира Грција дури со 4 спрема 1 на стадионот во Пиреја, иако домаќинот поведе веќе во 5-тата минута.

“Одеше како што си замислувавме, но тогаш од неразбирливи причини се повлековме и и’ ја препуштивме играта на Турција” – коментираше Ото Рехагел, чиј тим е официјален европски првак, но како стојат работите, тешко дека Грција ќе може да ја одбрани титулата. За грчките весници ова беше “една од најцрните страници на грчката фудбалска историја”.

Црно му се пишува и на ангслискиот селектор Стив Мекларен. Англиската репрезентација не успеа да извлече повеќе од нерешен резултат на гостувањето во Израел:

“Разочарувачки. Требаше да го добиеме овој натпревар. Требаше да постигнеме гол од шансите што ги имавме. На друг ден би постигнале два или три гола, но вечерва не успеавме. Оттука и реакцијата е разочарување” – оцени по средбата Стив Мекларен, кој на функцијата беше именуван пред осум месеци, по минатогодишното светско првенство. Но, досега има најслаб биланс од сите негови претходници. Ова беше петти последовен натпревар без победа на Англичаните – вклучително и пријателски средби и со само еден постигнат гол. “Евро-отпад”, “Без гол, без душа: Англија на раб на пропаста” – пишуваат весниците “Сандеј тајмс” и ”Инедпендент”. Консеквенција: “Ако не успее во квалификациите, мора да си оди” – се вели во “Мејл он сандеј”. Англија сега веќе заостанува 5 бодови зад водечката Хрватска, која со мака ја совлада Македонија и три зад второпласираната Русија, која во Талин немаше проблеми со домашната селекција на Естонија.