1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија е атрактивен економски простор – велат странците

Прескапа, нефлексибилна, резистентна на реформи. Тоа е печатот на очај што домашните фирми радо го удираат врз економскиот простор Германија. За разлика од нив, меѓународните фирми ја избраа Германија за прво најповолно место во Европа и за трето во светот. Советничката фирма „Ернст и Јанг„ побара од илјада меѓународни фирми што работат во земјата да дознае колку е за нив атрактивна Германија.

Инвестирајте во Германија. Таа е добар економски простор!

Инвестирајте во Германија. Таа е добар економски простор!

Само САД и Кина на светско ниво добија подобри оценки. Што е она што ја прави Германија атрактивна? И има ли шанси на ранг-листата да се искачи и погоре?

За Даг Валанд резултатот до кој дојде „Ернст и Јанг„ не е изненадување:

„Германија е потценета и тоа најмногу од самите Германци. Овде има многу нешта што фирмите ги сметаат за атрактивни. Солиден економски и правен систем. Па, дури и ако не се произведува директно овде, може да се води сопствениот развој и истражувањата што се првите чекори кон производство. Исто така, сопствената фирма може одовде да се менаџира„.

Валанд работи во фирмата Вејвтех, норвешко хај-тех претпријатие, патем многу мала фирма. Ги има само петмина. Двајца работат во Норвешка, тројца во Рајнбах во близина на Бон. Во 2003 ја основаа фирмата во Норвешка, од пред две години се и во Германија. За фирмата бргу да се развива, бараа најповолно место во Европа. Германија беше најубедлива:

„За нас овде се е порентабилно отколку во Норвешка. Заштедуваме пари за истражување, за развој на производството и за процесот на индустријализација. Во Норвешка книгите за налози се полни, стопанството е силно. Во Германија не е баш така. Гледаме дека нашите бизнис партнери се жедни за налози и затоа овде можеме поповолно и побргу да работиме отколку во Норвешка„.

Ова не е мислење само на Валанд. И Клаус Бауер е задоволен од Германија:

„Германија сигурно е една од водечките економски сили во Европа. Се што оди од Исток кон Запад или од Југ на Север, мора некако да мине низ Германија. Затоа е добро да се биде во Германија. Со тоа што се наоѓаме во центарот, не само што имаме поволен статус, туку секако можеме и многу нешта да придвижиме. А, Германија е позната по тоа дека е активна, добро сортирана, посебно иновативна, па таков пазар не може да се пропушти„.

Бауер работи во Чеп, австралиска логистичка фирма. Нејзиното преставништво во Келн постои веќе 20 години и тоа од добри причини, вели Бауер:

„Кога сте во други држави морате да војувате со властите за многу работи што се наоѓаат и во сиви зони, а во Германија се е релативно јасно поставено. Оттаму знаете, кога нешто преземате, што ќе произлезе од тоа. И тоа во најпозитивна смисла: секогаш знаете на што можете да сметате и затоа како фирма може мошне добро да се калкулира. Нема лоши духови зад аголот што ќе викнат:’како си можел тоа да не го видиш„!

Според тоа, често критикуваната германска жед за регулативи, сепак има и добри страни. Даг Валанд во меѓувреме се навикна на бирократијата. За него тоа има повеќе предности отколку недостатоци:

„И натаму е предност кога на производот стои ’Мејд ин Џермани’. Тоа гарантира квалитет. И, како што се вели во Германија – може да се има доверба. Се знае што се добива и какви се договорите. Тоа за нас е многу важно. Затоа можам на малите фирми да им препорачам да дојдат овде„.

Добра инфраструктура, квалитет на истражувањето и развојот, добро образувана работна сила и атрактивен пазар, тоа се силните страни на економскиот простор Германија, потврдуват анкетираните во студијата на „Ернст и Јанг„. Дали, значи, само „ведро небо„? Нема ли ништо подобро? Клаус Бауер од Чеп:

„Би можело да се бара влакно во јајцето, се разбира. Работењето овде сигурно би било поедноставно, кога би имале јасно регулирано оданочување, за конечно еднаш за секогаш да биде јасно што и се дава на покраината, а што на сојузот. Значи, посакуваме поедноставување на целата таа приказна. И нам работодавачите би ни било од помош кога многу поедноставно би можеле да реагираме на движењата на пазарот„.

На тој план САД се уште се пред Германија. Кина, според студијата на „Ерност и Јанг„ е на второто место, но нејзин адут е огромниот пазар на можности. Фирмите за кои се важни малите трошоци за работа, се порадо произведуваат во Кина, во Индија или во источно-европските земји, отколку во Германија. Но, трето место на ранг-листата како најатрактивен економски простор во светот – за Германија подобро и не може да биде!