1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија демантира дека шпионира

Минатиот викенд весникот „Билд ам зонтаг“ објави за наводната шпионска задача на германскиот брод „Окер“ во Средоземното Море пред сирискиот брег. Дали Германија шпионира можеби за Американците и Британците?

Според официјалните информaции од германското министерство за одбрана, во случајот со бродот „Икер“ се работи за „единици за рано предупредување и известување со голем радиус на дејствување“. Портпаролот на министерството Штефан Парис изјави:

„Важно е да се каже дека таму не вршиме шпионски акции, туку извидувачки работи. Тоа е наша обврска, затоа и ги имаме тие бродови. Се разбира дека резултатите ќе ги користиме одговорно. Кога ќе се добијат информации, тогаш тие и се обработуваат“.

Парис дополни дека маневарот пред сирискиот брег е невооружена рутинска извидничка акција, какви што „се вршат редовно“.

Информации кои им служат на Американците и Британците?

Според германските медиуми, меѓутоа, информациите кои ги собираат германските бродови им ги испраќаат на Американците и на британските партнерски контраразузнавачки служби, кои пак потоа ги проследуваат до сириските бунтовници. По овој повод од кабинетот на канцеларката Ангела Меркел стигнаа општи објаснувања, но не и детали за мисијата на германските бродови. Портпаролот на владата Штефен Зајберт изјави само дека „е нормално информациите да се споделуваат со партнерите од НАТО“, додавајќи:

„Во име на сојузната влада можам само да повторам - не даваме информации за активностите и методите на разузнавачките служби, молам за разбирање во врска со тоа“.

Hans-Christian Ströbele MdB Bündnis 90/Die Grünen

Ханс-Кристијан Штребеле размислува за свикување итна седница на контролното тело во Бундестагот

Разбирање меѓутоа не треба да има парламентарното надлежно контролно тело, кому владата е обврзана да му дава информации за општите активности на тајната служба БНД. Пратеникот од Зелените Ханс Кристијан Штребеле е член на ова контролно тело и вели дека има чувство дека е лошо или воопшто неинформиран од страна на владата. По повод новите информации за маневрите на германскиот брод во Средоземното Море, Штребеле размислува за свикување итна седница на контролното тело во Бундестагот. Но, и ако дојде до таков состанок, членовите се обврзани на молк.

Од владејачката Унија (ЦДУ/ЦСУ) ги поддржуваат ваквите маневри на германската морнарица. Таквите информации би имале уште поголемо политичко значење ако би се дознало дали Сирија користи хемиско оружје или тоа паднало во рацете на бунтовниците, вели Ханс Петер Ул од ЦСУ. Во таков случај, според него, германскиот парламент би требало да биде информиран.

Со оглед на актуелното предупредување на американскиот претседател Барак Обама упатено до сирискиот режим, дека САД и воено ќе интервенираат ако дојде до употреба на хемиско оружје, постои можност Американците да чекаат на информации од германската контраразузнавачка служба.