Германија го приватизира процесот на издавање визи | Свет | DW | 28.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија го приватизира процесот на издавање визи

Сѐ почесто надворешни фирми ја преземаат постапката за издавање визи. Критичарите се загрижени за безбедноста на податоците и можноста од потенцијална корупција.

Сѐ повеќе барања за визи наместо да бидат обработувани од конзуларните одделенија во германските амбасади во странство, ги обработуваат приватни фирми кои на овој начин имаат пристап до приватни податоци на граѓаните. Ова го потврди и Министерството за надворешни работи на Германија, откако за тоа напиша дневниот весник „Тагејсцајтунг". Портпарол на министерството за Дојче веле изјави дека на индиската фирма ВФС Глобал ѝ е издадена лиценца за работа. Сега тие ги собираат пасошите и биометриските податоци за луѓе од девет земји кои имаат поднесено барање за Шенгенска виза. Германското Министерство за надворешни работи во моментов соработува со пет вакви екстерни фирми, кои ги обработуваат барањата за визи на граѓани од вкупно 18 земји, а се разгледува можноста за ангажирање на екстерни фирми во уште 14 земји.

Ангажирање на комерцијални сервиси за обработка на барања за визи е глобален тренд. Многу земји на овој начин сакаат да заштедат пари и на тој начин да се справат со големиот број барања за визи. Граѓаните своите барања ги доставуваат во центрите што ги водат овие фирми и оттаму барањата им се проследуваат на конзулатите и амбасадите. Меѓу документите кои се предаваат се пасош и други лични податоци, често и отисоци од прсти и други биометриски податоци. Покрај таксата за обработка во конзулатот, подносителите мора да ѝ платат за услуга и на екстерната фирма.

ВФС Глобал, која е основана во 2001 година, е водечка фирма на пазарот. На нејзиниот интернет портал пишува дека работи за 65 влади и има 2337 сервисни центри во 129 земји, како и дека досега обработила 154 милиони барања за визи.

„За владите и нејзините даночни обврзници е поевтино административниот дел од процесот да му се додели на некој друг“, вели за ДВ, Петер Брун, портпарол на ВФС Глобал. „Тие не мора да имаат простории за ова во своите амбасади, нема долги редови, ниту десетици шалтери“, додава тој.

Symbolbild Flüchtlinge Visum Schengenraum (picture-alliance/dpa/O. Spata)

ВФС Глобал тврди: Ние само контролираме дали кандидатите ги пополниле сите формулари и дали се поднесени сите неопходни документи

Државата ја губи контролата?

Ваквиот развој на ситуацијата е загрижувачки за одредени политичари. „Државата се откажала од контрола над областа која е многу подложна на поткупување“, изјавил за „Тагесцајтунг", Омид Нупур, пратеник од Зелените во Бундестагот.

Портпаролот на ВФС Глобал, Петер Брун, вели дека корупција во неговаа фирма е „невозможна". „Како може некој да не подмити? Ние не ги носиме одлуките? Ние само контролираме дали кандидатите ги пополниле сите формулари и дали се поднесени сите неопходни документи", вели тој и додава: „Ние не можеме да влијаеме ниту на тоа колку долго ќе трае процесот на обработка на податоците."

Дел од критичарите се загрижени за безбедноста на личните податоци. Во 2007 година поради една грешка 50000 барања за визи кои ги обработувала ВФС Глобал во британската амбасада биле јавно достапни на интернет.

Парламентарката од Левицата во Бундестагот, Севим Дагделен смета дека државата треба да го контролира целиот процес на издавање визи бидејќи „само така може да биде елиминирано самоволие и да се гарантира безбедноста“. Таа за ДВ вели: „При доделувањето на визи мора да биде загарантирана соодветна постапка на државата која ќе биде во рамките на важечките закони. Тоа не смее да биде нарушено само за да се намалат трошоците или да се зголеми нечиј профит."

Таа укажува дека според европското законодавство термините за поднесување барање за виза мора да бидат доделени во рок од две недели и без посредување на приватни фирми, односно тоа е дозволено само во „исклучителни" случаи.

Министерството за надворешни работи ги отфрла ваквите критики: „Содржинската проверка, како и одлуката за поднесеното барање, пристап до Шенгенскиот систем, како и самите налепници за визи, се работи до кои пристап имаат само оние кои работат во германските претставништва во странство."

Deutschland Berlin Auswärtiges Amt (Imago/STPP)

Германското Министерство за надворешни работи во моментов соработува со пет екстерни фирми

Податоци само на европски сервери

Портпаролот Брун нагласува дека ВФС Глобал ги презема само основите задачи: „Владата која нѐ ангажира секогаш точно ја пропишува процедурата. Ние ги добиваме податоците само за да може да ги обработиме и да им ги проследиме на конзулатите или амбасадите. Откако барањето ќе биде одобрено или одбиено, ние ги бришеме податоците. Ниту ги задржуваме ниту ги обработуваме."

И Министерството за надворшени работи е со сличен став: „Фирмата за која станува збор според наши инструкции ги прима барањата за визи", изјави еден од портпаролите и додаде: „Таа фирма нема пристап до канцелариите за издавање визи, туку до само една просторија, во која ни ги предава документите и пасошите. Амбасадата исто така врши и редовни и ненајавени контроли на работата на таа фирма."

Министерството нагласува дека партнерските фирми се обврзани со договор, независно од тоа каде им е седиштето, сите податоци за личностите кои ги имаат да се чуваат во сервери на европскиот економски простор, односно во ЕУ, Исланд, Лихтенштајн или Норвешка. „Фирмата ВФС дури на барање на Министерството соодветните сервери ги инсталираше во Германија", вели портпаролката на Министерството и додава: „Треба да се напомене и дека екстерните фирми на своите системи смеат да меморираат само податоци кои се потребни за закажување термин, но не и податоци како што се отисоци од прсти и слично."

DW.COM