1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија го зголемува притисокот врз Хрватска

Во спорот околу „Лекс Перковиќ“ и израчување на лицата осомничени за тешки криминални дела, пратеникот во Бундестагот Гунтер Крихбаум побара „јасен став“ од сојузната влада. Тој е разочаран од однесувањето на Загреб.

„Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле мора да побара од Хрватска што поскоро да го спроведе европскиот закон за екстрадиција“, стои во писмото кое претседателот на Одборот за Европска унија во Бундестагот денеска го испрати до шефот на дипломатијата.

Крихбаум (ЦДУ) пишува дека не гледа зошто на Загреб му се потребни неколку месеци за корекција на спорниот закон наречен „Лекс Перковиќ“. Под притисок на ЕК, хрватскиот министер за правосудство Орсат Милјениќ на средината на неделава во Брисел потврди дека Хрватска ќе го коригира временското ограничување на примена на Европскиот налог за апсење најдоцна до 1. јануари 2014 година.

„Чекор во вистинска насока“

Kroatien Justizminister Orsat Miljenic und EU-Justizkommissarin Viviane Reding in Brüssel

Орсат Милјениќ и Вивиан Рединг - Хрватска под силен притисок на ЕУ

Крихбаум во разговор за ДВ денеска (27.9.) изрази сомнеж дека „хрватската влада игра на време“ и дека се обидува да „развлекува“, за на крајот „веќе да не биде можно“ израчување на осомничените. По ваквата изјава, побаравме објаснување од Крихбаум, дали не верува во хрватската влада дека навистина ќе го коригира спорниот закон и ќе ги израчи бараните личности?

„Во ова прашање всушност самите го нудите одговорот. Хрватска се обврза да го коригира законот дури по огромен притисок од ЕК. Сега е важно да се продолжи да се врши притисок тоа и да се случи. Конкретно тоа значи дека Сојузна Република Германија мора да го искористи своето влијание во Европската унија и мора да ги поддржи напорите на Комисијата“.

Најавата за корекција на законот е „чекор во вистинска насока“, тврди нашиот соговорник, но предупредува: „Тоа не значи дека дојдовме до целта. Хрватската влада не само што направи грешки, туку пред сѐ прокоцка и доверба. Ако некој мисли дека треба да штити личности осомничени за убиства и да блокира нивно израчување, тогаш тоа не придонесува за пораст на меѓусебната доверба која ја имаме и која ја имавме“.

Берлин е разочаран

Официјален Берлин е разочаран од однесувањето на Хрватска. И канцеларката Ангела Меркел пред неколку денови изјави „Хрватска мора да го почитува договореното“. Пратеникот Крихбаум е уште попрецизен:

„Тоа беше беспримерен потег, една земја која влегува во ЕУ три дена пред тоа влегување ги менува правилата на игра. И тоа правила на чии темели е и овозможено тоа членство. И тоа откако сите земји на Унијата го ратификуваа пристапот на Хрватска. Да, довербата во Хрватска е нарушена. Но и тоа може да се поправи и сега е на потег хрватската влада, таа мора да се потруди повторно да се воспостави довербата“. А тоа може да се случи „единствено ако брзо се примени она што е договорено. Хрватската влада сега е одговорна договорите да се спроведат во пракса. Тоа значи да се применат европските закони за апсење“, вели Крихбаум за ДВ.

„Тоа досега се нема случено“

Filmstill Josip Perkovic

Јосип Перковиќ

Колку е висока дозата на разочарување во Бундестагот од однесувањето на новата земја членка докажува и следата изјава на Крихбаум: „Хрватска од 1. јули е членка на ЕУ и веќе сега е активиран членот 39 од Пристапниот договор, преговорите за влез во Шенген се замрзнати, блокирани се и милиони евра од ЕУ фондовите. Тоа досега се нема случено“.

Крихбаум предупредува дека примерот на Хрватска негативно ќе се одрази и врз земјите од регионот кои во догледно време сакаат да станат членки на ЕУ. Германскиот политичар притоа си го поставува прашањето, зошто се случи целиот случај „Лекс Перковиќ“ и што всушност е мотивот на властите во Загреб? Тој потсетува: „Овде се работи за криминалци кои се сака да се заштитат. Сите ние знаеме која е подлабоката причина, но тоа треба храбро и да се каже“.

Крихбаум смета дека владата во Загреб не би требало да игра на време. Најавената корекција за спорниот закон на почетокот на идната година ја смета за безсмислена и додава дека „... законот кој е донесен во Парламентот во рок од неколку денови, исто така може да се коригира за неколку денови“.