1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германија во вториот круг на светското првенство во ракомет

Хаас четвртфиналист во Мелбурн. Фризингер светска првенка во спринт во брзо лизгање. Наредниот викенд продолжува првенството во фудбалската Бундеслига

СП - ракомет: од средбата Германија - Бразил

СП - ракомет: од средбата Германија - Бразил

Репрезентацијата на Германија, заедно со Полска, нејзиниот нареден противник во групата, предвреме обезбедија пласман во главната рунда на Светското првенство во ракомет, што се одржува во Германија со учествуво на 24 национални селекции од пет континенти. Уште пет селекции се сигурни учесници во наредниот круг на првенството – олимпискиот победник Хрватска, светскиот првак Шпанија, потоа Тунис, Словенија и Чешка.

Германија, по уводната победа против Бразил, во вториот настап ја совлада Аргентина со 32 спрема 20. Натпреварот во Хале, Вестфалија, го следеа 11 илјади гледачи. За стартот на Германците селекторот Хајнер Бранд вели: “Се забележуваше големиот притисок што ги оптоварува играчите”. Убедливата победа против Аргентина е натамошно охрабрување, а вечерашната средба против Полска ќе биде вистински тест за можностите на германскиот тим.

Хаас меѓу 8-те најдобри на Аустралиен опен

На првиот од четирите најважни, таканаречени Грен-слем тениски турнири, Отвореното првенство на Австралија во Мелбурн, Германецот Томи Хаас се најде меѓу осумтемина најдобри по победата во осминафиналето против подобро рангираниот Давид налбандијан од Аргентина со 3 спрема 1 во сетови. Во четвртфиналето противник на Хаас ќе му биде победникот од дуелот меѓу Русинот Давиденко и Чехот Бердих. Хаас беше задоволен од својата игра, како и во претходниот меч против сонародникот Флориан Мајер: “Всушност, ми оди сосем добро. Сервисот ми беше добар секогаш кога ми беше потребно, повремено бев агресивен и од основната линија. Досега сум сосем задоволен”.

За четвртфиналето се пласира и олимпискиот победник од Атина, Чилеанецот Фернандо Гонсалес, со победата над петопласираниот на светската ранг-листа, Американецот Џејмс Блејк со 3 спрема 0 во сетови.

Во женска конкуренција Мартина Хингис од Швајцарија забележа победа од 2 спрем 1 против Ли На од Кина и е меѓу четирите најдобри. Учество во полуфиналето обезбеди и Белгијката Ким Клајстерс по победата над Даниела Хантухова од Словачка со 2 спрема 0. За прв пат во четвртфинале на Грен-слем турнир е 19-годишната Ана Чакветадзе од Русија, која ја елиминира Пети Шнидер од Швајцарија, осми носител на турнирот

Историски успех на Фризингер

Од зимските спортови за германската публика во центарот на вниманието е подвигот на Ани Фризингер – таа за прв пат го освои светското првенство во брзо лизгање во спинтерски дисциплини. Тоа, инаку, е севкупно нејзина 13-та титула од различни светски првенства: три пати беше севкупно најдобра и девет пати победник во поединечни дисциплини, а е и двоен олимписки победник. “Сега ја постигнав за мене важната цел и така да се каже, се воведов себе си во историските анали. Подобро не може да биде. Се’ што понатаму ќе дојде е само додаток” – рече 30-годишната Фризингер, единствена спортистка во светот досега која ги има трофеите во сите најважни натпреварувања во брзото лизгање – олимпијадите, светските првенства во повеќебој, потоа во поединечни дисциплини, како и во спринт.

Прва победа на Вилхелм во оваа сезона

Олимписката победничка во биатлон Кати Вилхелм во петокот во Покљука, Словенија, ја постигна првата победа во оваа сезона во светскиот куп во трката на 10 километри на хронометар. “Сега конечно вистински се’ се совпадна, пред се’ кај стрелањето. Мислам дека во трката влегов сосем мирна и се концентрирав врз стрелањето” – изјави Вилхелм.

Рели Париз – Дакар: двојна победа на Мицубиши

Французите Стефан Петерханзел и Лик Алфан му обезбедија на јапонскиот производител на автомобили Мицубиши двојна победа на 29-тото рели Париз – Дакар. За Петерханзел ова беше деветти тирумф во спектаклот низ сахарската пустина – три пати победи во конкуренмција на автомобили, шестпати кај моторциклите. По околу 8 илјади поминати километри Петерханзел на крајот имаше предност од 7 минути и 26 секунди пред поранешниот скијачки ас Алфан, кој победи минатата година. Најдобар возач на Фолксваген е Американецот Марк Милер, кој со џипот Туарег го освои четвртото место.

Првенството на фудбалската Бундеслига е на прагот

Германските љубители на фудбалот со нетрпение го очекуваат наредниот викенд, кога започнува пролетниот дел од првенството. Претстои неизвесна битка за титулата, но и за опстанокот исто така. Јирген Клоп, тренер на Мајнц, им ветува на своите навивачи тридневно славје доколку неговиот тим обезбеди опстанок – не е ни за чудо, со оглед на само 11 освоени бодови во есенскиот дел. “Сакаме да играме своја сопствена рунда – тоа се 17 натпревари, таму има 51 бод. Ќе видиме колку од нив ќе можеме да освоиме и за што ќе биде тоа доволно” – вели Клоп.

Мајнц има тешка задача да се избори за опстанок меѓу најдобрите, но клубот сепак планира да гради сосем нов стадион во кој ќе вложи 40 милиони евра и кој треба да биде готов до 2009-та година. Такви планови од прволигашите има и Алеманија Ахен. Иако светското првенство помина, не престанаа со тоа инвестициите во нови стадиони – во моментов повеќе од 20 клубови од првата до регионалната лига планираат изградба на нови објекти. Вкупниот обем на инвестициите е околи половина милијарда евра. Најзанимлив е проектот на милијардерот Дитмар Хоп, основач на софтверската фирма САП, да создаде прволигаш во регионот Рајна-Некар и во Зинсхајм ќе гради стадион за 30 илјади гледачи, вреден 40 милиони евра.

Покрај фудбалските стадиони, повеќе од 20 клубови и општини планираат и изградба на спортски сали за хокеј, ракомет, кошарка или за повеќе намени, во што истотака ќе бидат вложени околу половина милијарда евра.