1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Германија бурно дискутира околу сопствената безбедност

Германскиот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле ја разбранува јавноста на викендот со нови предлози за поострување на мерките за борба против тероризмот.

default

Министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле

Отпор дојде не само од партиите на опозицијата, туку и од помалиот коалиционен партнер, социјалдеморската партија. Клаус Даман пренесува детали од предлозите и реакциите во политичката јавност.

Во борбата против меѓународниот тероризам на германската држава и‘ се потребни поголеми овластувања. Ова е основиот пристап на првиот човек на германските безбедносни сили, Волфганг Шојбле. Во интервју за неделникот “Шпигел“ тој се заложи за промени на законот што ќе овозможуваат интернирање на лица кои се сметаат за опасни по безбедноста на државата и граѓаните во неа. Нивните компјутери би требало легално да можат да се шпиунираат, а Шојбле сака, по углед на американското законодавство, да воведе и ново казниво дело: заговор. Конечно, министерот за внатрешни работи го постави на дневен ред и најтешкото прашање: под кои услови може државата да убие некој терорист. Како пример Шојбле го наведува лидерот на терористичката мрежа Осама бин Ладен. Кога американските тајни служби би го откриле местото на кое се крие Бин Ладен, тогаш армијата без двоумење би истрелала насочени ракети за да го убие. Кога во таквата воена оперција би требало да бидат вклучени германски војници, тогаш законската основа за нивното дејствување би била нејасна, посочи Шојбле и нагласи: “Кој сака да ја сочува слободата, мора во изменетите општествени услови и да стори нешто за тоа!“

“Поради слободата мораме да бидеме во состојба да сносиме и ризици. Но, тоа не значи комотно да се опуштиме и да не правиме ништо. На тој начин државата би ја загубила нејзината легитимација.“

Реакциите на провокативните предлози дојдоа веднаш и се соодветно остри. Шефот на помалиот коалиционен партнер, социјалдемократската партија, Курт Бек, порача:

“Секако дека мораме да сториме се‘ за да ја обезбедиме сигурноста на луѓето пред заканите од тероризмот и криминалот, но слободата не смееме да ја брани така што на крајот ќе ја задушиме самите“.

Скепса во однос на предлозите на Шојбле дојде и од инаку ангажираниот заговорник за построги мерки, министерот за внатрешни работи при покраинската влада за Баварија, Гинтер Бекштајн. За него посебно проблематичен е предлогот за целно убивање терористи:

“Тоа секако не може да важи во редовни околности, дури и кога е во прашање тероризмот. А дали е можно во екстремни случаи, околу тоа би требало внимателно да размислиме и темелно да ја испитаме таа опција.“

Од опозицијата дојдоа многу поостри реакции. Експертот за внатрешно политички прашања на Партијата на Зелените, Зилке Штокар изјави дека министерот Шојбле се обидува да создаде правна основа за затвор по углед на оној на американскиот на Гвантанамо. Заменик шефот на собраниската група на Либералите Сабине Лојтхојзер Шнаренберг порача дека со предлозите на министерот би се легализирало политичкото убиство во Германија. А експертот за меѓународно право Кристијан Томушат ја оцени идејата за целно убивање терористи како “монструозна“. Терористот мора да добие третман како тежок криминалец и да биде изведен пред лицето на правдата, а не да биде егзекутиран.

Претседателот на синдикалната организација на германската полиција Конрад Фрајберг, пак, изјави:

“Она што министерот го прави е стратегија на политичко залажување, за да се обезбеди себе, ако нешто се случи, според логиката: е па јас поднесов предлози. Тој сака да го сврти вниманието од неговите пропусти, бидејќи во земјата има јасни безбедносни дефицити.“