1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Германија би можела да посредува во спорот за името“

Во услови кога ЕУ е „неподвижна“, Германија како една од најважните земји во Унијата, би можела да посредува во спорот за името меѓу Македонија и Грција, вели за ДВ Јирген Климке, пратеник на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.

Германија е исклучително внимателна кога е во прашање спорот за името меѓу Македонија и Грција. Тоа се потврди и при вчерашната (5. ноември) средба во Берлин на канцеларката Ангела Меркел со медијаторот Метју Нимиц. Разговорот зад затворени врати беше проследен само со кусо формално соопштение на владината служба за информирање, без конкретни детали и со констатација дека медијаторот и натаму ја има целосната поддршка од Меркел и од Германија. За разлика од ваквата воздржаност на високата германска политика, членовите на Бундестагот години наназад отворено ја изразувале својата поддршка за Македонија. Шест недели пред состанокот на Европскиот совет, Јирген Климке и Петер Вајс, парламентарци од пратеничката група на демохристијаните во новиот состав на Бундестагот, за ДВ го толкуваат развојот во Македонија по петтата препорака на еврокомесарот Филе за старт на пристапните преговори.

Според Јирген Климке, за Македонија и натаму остануваат актуелни трите големи предизвици: ЕУ и НАТО интеграциите, меѓуетничкиот соживот на Македонците и Албанците и подобрување на социјалната состојба со намалување на невработеноста. Овие работи според него се важни како за Македонија, така и за ЕУ, но како вели, поради спорот за името не може да се исчекори нанапред.

Противуслуга од Грција!

„За нас Германците е важно и двете земји (Грција и Македонија н.з.) да ги имаме во ЕУ. Важно е сите земји од поранешна Југославија да бидат дел од Унијата. Кога во Бундестагот ќе биде етаблирана Комисијата за надворешни работи сигурно дека таа ќе се позанимава со ова прашање. Јас уште еднаш би го иницирал и би го актуелизирал, зашто сметам дека тоа е и наша одговорност. Како една од најважните земји во ЕУ, Германија тука би можела да модерира, да понуди цврсти опипливи предлози преку кои би можело да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите“, подвлекува Климке.

Peter Weiß CDU Vorsitzender der Parlamentariergruppe Südosteuropa im Bundestag 100 Jahre Albanien Jubiläum

За македонскиот народ е неподносливо што поради спорот за името толку долго чека на пристапните преговори - Петер Вајс (ЦДУ-ЦСУ)

„Толку долго се измачуваме со пристапниот процес, претрпевме толку неуспеси, што ми е навистина тешко да говорам за некаква перспектива. Но, мислам дека предлогот на комесарот за проширување Филе навистина може да придонесе со Македонија да се оди напред, зашто за македонскиот народ е неподносливо што поради спорот за името, толку години мора да чека на конкретен старт на пристапните преговори“, коментира и Петер Вајс.

Официјален Берлин досега не сакаше да се инволвира во спорот со името меѓу Македонија и Грција , иако имало многу ситуации во кои можел да го искористи својот авторитет и да побара поголема солидарност од Атина во однос на проширувањето. Дали новата германска влада ќе може повеќе да придонесе во решението на спорот за името?

Јирген Климке вели дека поддршката која ја добила Грција од Германија била разумна и потребна, не само од финансиски аспект, туку гледано и долгорочно и структурно.Тој подвлекува дека Грција има повеќе отворени прашања како на пример поделениот Кипар, а секако спорот околу името со Македонија.
„Ако сакаме да и‘ помогнеме на Грција треба да очекуваме еден вид противуслуга. На пример: Грција дополнително очекува поддршка од нас и од ЕУ околу бегалците во однос на ФРОНТЕКС. Ова би била разумна поддршка, но ние би морале да кажеме ‘и вие мора малку да се придвижите кај нерасчистеното прашање околу Македонија’! Тоа е форма на деловност, би кажал вид на давање и земање, израмнување во кругот на семејството“, забележува Климке.

„Никој во Европа нема симпатии за Грција во расправијата околу името. Грција е релативно осамена, но ја користи можноста со својот глас да го блокира пристапниот процес на Македонија. Германскиот Бундестаг пред повеќе години донесе многу јасен заклучок за Македонија околу спорот за името и се стави на страната на Македонија. Во јасниот став на германскиот Бундестаг по ова прашање нема сомневање. И секако парламентарците ја притискаат владата во прашањето околку Македонија да дојде до добро решение. Сите напори, меѓутоа, се попусти ако Грција не се придвижува. Ова го доживуваме повеќе години“, го образложува својот скептицизам Петер Вајс.

Без јалови зборови

Jürgen Klimke, CDU, Mitglied des Bundestags

Решението на името како давање и земње во кругот на семејството: Јирген Климке (ЦДУ-ЦСУ)

Климке се сомнева во вистинската закана која би дошла од минатонеделното писмо околу спорот за името и Македонија на 23-тројцата поранешни амбасадори до премиерот Самарас. Вели, нејасни се околностите под кои писмото е напишано. Можеби само еден екс-амбасадор ја имал идејата, а останатите на негово барање се потпишале? Можеби се сакало да се пренасочи темата и уште еднаш јасно да се посочат грчките позиции? Секој од тактички причини има право да ги претстави своите ставови, смета Климке, но не треба да се заборави дека има и трета страна. Унијата, во моментов е многу „неподвижна за да го реши ова прашање“, но тука е и Германија која интензивно се ангажира околу поддршката на Грција.

„Од новата влада ќе побараме да се ангажираме во посредувањето и да се ориентираме кон решение. Да нема само зборови и конференции без решение, туку да има резултат“, истакнува Јирген Климке за ДВ, кој едновремено потсети и на актуелниот внатрешен проблем на Македонија кој изминативе недели доби на публицитет.

„Слободата на информирањето за Македонија е исто толку значајна колку и етничкиот соживот. Дојче веле припаѓа на малкуте портали кои пласираат надпартиски содржини во Македонија. Сите други се испреплетени со економијата и политиката. Пишуваните медиуми и телевизијата важат како контролирани од владата. Новинарите кои критички гледаат директно или индиректно се заплашуваат и се под закана. Потоа, тука е и новиот нацрт на Законот за информирањето кој се’ уште се оспорува и за кој има мислење и од Советот на Европа. Значи прашањето за слободата на медиумите, како дел од базичната демократија е многу значајна точка и секако ќе се земе предвид при приклучувањето на Македонија во ЕУ“, вели во разговор за ДВ Јирген Климке, пратеник на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.