1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија бара оставка на Асад

По новиот масакр во Сирија германската влада бара од сирискиот претседател Башар ал-Асад да се повлече од власт.

Портпаролот на владата во Берлин Шетфен Зајберт денеска (08.06) изјави дека германската влада е вџашена од насилството во Ал Кубаир. „Раководство кое дозволува вакви дела во земјата го има загубено сосема легитимитетот“, изјави Зајберт.

Политичарот на опозиционата СПД Ханс-Улрих Клозе од германската влада побара да го вклучи Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг. „Главниот обвинител Луис Морено Окампо мора веднаш да почне со истрага против Башар ал-Асад“, побара Клозе во изјава за весникот „Ноје Оснабрикер Цајтунг“.

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, според наводи на неговиот портпарол, предупредил дека сирискиот конфликт може да се прошири како пожар. Тој се заложил за санкции, кои досега ги спречуваат Русија и Кина со своето право на вето во Советот за безбедност.

Во селото Ал Кибаир, во близина на градот Хама, во средата (06.06) биле убиени најмалку 78 лица, соопшти сириската опозиција. Противниците на режимот ја обвинуваат власта на Асад за масакрот. Владата ги отфрла обвинувањата.

Според наводи на Црвениот крст, во меѓувреме повеќе од 1,5 милиони Сиријци се директно или индиректно погодени од борбите во земјата.