1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија: Барателите на азил од Западен Балкан без шанси

Барателите на азил од Западен Балкан кои во 2017. добија право на престој во Германија успеаја откако за нивните случаи одлучуваше посебна комисија. Но и позитивна одлука на надлежните тела не е гаранција за останување.

Уставот на Германија гарантира право на азил за политички прогонетите, но барателите на азил од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово такаречи немаат шанса за позитивен одговор, поради тоа што Германија во 2015 година сите западнобалкански држави ги прогласи за „сигурни земји на потекло“, значи како држави во кои нема политички прогон.

Оттогаш, Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ) која е надлежна за прашања на азилот, одбива 97% од барањата поставени од граѓани од Западен Балкан. Сѐ до донесувањето одлука тие, како и сите останати баратели на азил, мора да живеат во бегалски домови, не смеат да работат и смеат да го напуштат регионот наведен во нивната дозвола за престој само со дозвола од БАМФ. По одбивањето на барањата за азил тие мора или доброволно да ја напуштат Германија, или се протерувани.

Повеќе на темата:

Што се случува со одбиените баратели на азил?

Само тешките случаи имаат некаква шанса

Малкуте мигранти од Западен Балкан кои од 2015 година до сега добиле заштита во Германија тоа го оствариле благодарение на своите барања нивниот случај да биде признат како тежок случај. Соодветни комисии за тешки случаи има во секоја од 16-те германски покраини.

Во покраината Берлин комисијата е под надлежност на сенаторот за внатрешни работи и спорт. Членови на комисијата се претставници на ополномоштеникот на покраинската влада за интеграција и миграција, на управата надлежна за женски прашања, потоа претставници на римокатоличката и евангелистичката црква, на сојузот на добротворни организации „Лига Берлин“, како и на Советот за бегалци Берлин и на Советот за миграција Берлин-Бранденбург.

Милоста на сенаторот

„Комисијата за тешки случаи разгледува случаи на луѓе кои всушност би морале да ја напуштат Германија, но понекогаш во законските одредби за престој постои по некој пропис, според кој може да се даде право на останување, како што е на пример личната одлука на сенаторот“, објаснува првиот човек на комисијата Петер Мархофер.

Главни критериуми за ваквите одлуки се: долгогодишен престој во Германија и напори за интеграција кои може да се докажат. Во средиштето се наоѓа прашањето дали лицето е во состојба со работа да си ги покрива трошоците за живот во Германија или не.

Работно место не е доволно

Но, во случаите на граѓаните од Западен Балкан имањето работа и доволно приход често не е доволно за да се добие позитивна одлука за останување, дури и ако комисијата за тешки случаи дала таква препорака. „Тоа се должи пред сѐ на фактот што најголемиот број подносители на барања од Западен Балкан се дојдени во Германија во последните две години, па можностите да се интегрираат во Германија им биле мали“, објаснува Мархофер.

Дозвола за престој во Германија со поддршка на берлинската комисија за тешки случаи во 2017 година добиле 38 лица од Западен Балкан. Во 80 случаи барањата се одбиени, а лицата морале да ја напуштат Германија. Но, протерани се и лица за кои комисијата дала позитивна препорака.

„Комисијата препорачува право на останување, затоа што таа оправдано се бори против постоечките прописи за престој, но за ваквиот политички став нема правна основа“, објаснува Тино Брабец од службата за информирање на Сенатската управа за внатрешни работи и спорт на Берлин.

И неговиот шеф, сенаторот за внатрешни работи, не смее самоволно да одлучува кој ќе остане, а кој не, туку е обврзан кон важечкото право и закони. Важечкото право и закони во Берлин се применети во вкупно 462 случаи на лица од Западен Балкан, односно толку лица биле протерани од земјата. Меѓу нив имало и случаи кога комисијата за тешки случаи препорачала останување во Германија.

Барателите на азил кои биле одбиени од комисијата за тешки случаи имаат можност да се обратат и до комисиите за петиции на покраинските парламенти во покраините каде што живеат.

Deutschland Asylverfahren (picture-alliance/dpa/U. Anspach)

Мархофер: Германските закони не предвидуваат преодни можности од бегалско право кон право на економска миграција

Нема премин од азил кон економска миграција

Зошто Германија мора да ја напуштат и барателите на азил за кои се заложила комисијата за тешки случаи или комисијата за петиции, а кои, освен тоа, имаат и работа или понуда за работа? „Нашите закони досега, за жал, не предвидуваат преодни можности, односно т.н. менување на лентата од бегалско право кон право на економска миграција“, нагласува Петер Мархофер.

Повеќе на темата:

Германија најмногу работни дозволи им издала на градежници од Балканот

Македонците најмалку чекаат за работна виза за Германија

Одбиените баратели на азил од Западен Балкан мора да сметаат со забрана за повторно влегување, и тоа не само во Германија, туку во целиот Шенгенски простор. За таквите лица во моментов е блокирана и можноста да достават барање за виза за работа во германските амбасади во западнобалканските држави.

DW.COM