1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германецот Бах на чело на Меѓународниот олимписки комитет

Германецот Томас Бах е избран за претседател на Меѓународниот олимписки комитет (МОК). Овој 59-годишен адвокат доаѓа на местото на Жак Рог, Белгиецот кој 12 години беше на чело на МОК.

Томас Бах долго време беше сметан за фаворит и победи пет противкандидати на денешното тајно гласање. Тој обезбеди победа со мнозинство гласови во вториот круг гласање. Бах, освојувач на златен олимписки медал во мечување во 1976 година, е деветтиот претседател во 119-годишната историја на Меѓународниот олимписки комитет.

„Чест ми е и задоволство да објавам дека деветтиот претседател на Меѓународниот олимписки комитет е Томас Бах“, рече досегашниот претседател Рог. Во тие моменти Бах, кој седеше на левата страна од него, стана, го прегрна Рог и им се обрати на членовите на Меѓународниот олимписки комитет.

„Уф“, рече кратко новиот претседател. „Ова е навистина огромен знак на доверба.“

Тој успеа во втората рунда гласање да ги победи Ричард Карион од Пуерто Рико, Денис Освалд од Швајцарија, Сергеј Бубка од Украина. Нг Сер Мијанг од Сингапур беше елиминиран во првиот круг. Бах им се заблагодари на оние кои гласале за него и рече дека ќе работи и за тие кои не го поддржале.

„Јас исто така ќе работам и со вас во следниве години и сакам да ја добијам и вашата доверба“, рече Бах. „Мојата врата, моите очи и моето срце се секогаш отворени“, додаде тој.

Од основањето до сега, Меѓународниот олимписки комитет имаше само еден претседател кој не беше од Европа – Евери Брандиџ од САД, кој беше на функцијата меѓу 1952 и 1972 година.