1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Геркен: „Грција и Португалија да истапат од еврозоната“

Грците се премногу мудри, за да ја напуштат еврозоната. Ни со вториот пакет Грција нема да застане на нозе - тези во германскиот печат по повод новиот пакет финансиска помош за Грција.

Онлајн изданието на весникот „Франкфуртер рундшау“ коментира:

„Да бидеме реални: Грција ни со вториот пакет нема да успее да застане на нозе. Планираното отпишување и репрограмирање на долговите не е доволно, реформите никако не фаќаат замав, земјата ќе штеди до изнемошнување. Министерот за финансии Шојбле не исклучува дека наскоро ќе мора да бидат донесени нови пакети за помош. Оти, за заздравување на Грција фали едно важно средство: сопствена валута. Да ја имаше, Атина ќе можеше да ги девалвира своите пари, за така да биде поевтина на светскиот пазар. Слаба валута може да дејствува како огромна конјунктурна програма“.

Во врска со барањата за некој вид Маршалов план за Грција „Берлинер цајтунг“ забележува:

Themenbild Presseschau

Presseschau

„Во реалноста, меѓутоа, ЕУ веќе од пред 31 година и не прави ништо друго, туку вложува милијарди во грчката инфраструктура. Од приемот на тогаш сосем неподготвената средоземноморска земја во Европската заедница во 1981 година, Европејците плаќаат постојано растечки придонеси за да го оспособат грчкото стопанство. Ако се вклучи и европската помош за грчките селани, Брисел секоја година презема на себе повеќе од три проценти од грчкиот бруто домашен производ.

(...) Има една бројка која целосно го опишува потфрлувањето на грчката држава: 60 милијарди евра, што на својата држава и’ ги должат богатите приватни лица и претприемачите. Грчката влада не ја прифаќа помошта, што партнерите од ЕУ и’ ја понудија во форма на финансиски експерти. На Атина и’ се чини премногу брутално губењето на суверенитетот. Се’ додека Атина не го стори тоа, помошта за грчкото стопанство нема никаква смисла. Тогаш навистина би било подобро да се принуди да ја напушти еврозоната. Добрите пари се премногу драгоцени, за да смеат да будат фрлани кај лошиот“.

Онлајн изданието на весникот „Ди велт“ донесува интервју со економскиот експерт Лидер Геркен, кој во врска со вториот пакет помош за Грција укажува на еден принципиелен проблем: „Владите преговараат во Европа (ЕУ, н.з.), а дома парламентите само мораат да климнат за согласност. Едно е јасно: економски вториот пакет е грешка“.

Геркен не верува дека банкрот на Грција би била поскапа варијанта, ниту дека од евентуалниот банкрот може да дојде до домино ефект и врз другите јужноевропски држави: „Инвеститорите осознаа дека Грција е посебен случај и игра неколку лиги подолу отколку Италија или Шпанија“.

Тој не верува дека Грција би се решила да ја напушти зоната на еврото: „Грците се премногу мудри, за да истапат од еврозоната, оти останувањето во монетарната унија им обезбедува помош во милијарди евра. А во земјите-донатори се забележува ефект на навикнување: се помируваме со тоа дека ние трајно ќе ја субвенционираме Грција“.

Лидер Геркен е голем песимист и во однос на Португалија: „Таму се заканува втора Грција. Земјата нема индустриска база. Всушност, обете држави би морале да истапат од еврозоната за да се санираат со сопствена слаба валута. Но, политички тоа не е пожелно“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во врска со барањата од редовите на политиката - од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) - Грција да ја напушти еврозоната, ги спротивставува следниве аргументи:

„Тие (државите на ЕУ, н.з.) би дале троен доказ дека, прво, не се способни објективно да оценат некое барање за прием (што би го ставило под прашање секое идно проширување на еврозоната), второ, не се способни да извлечат ни еден мал партнер (за некогаш некој поголем и да не споменуваме), и, трето, не се способни да ги направат неповратни своите политички визии. Тоа би предизвикало не само ситење кај глобалните конкуренти, туку и би го поставило прашањето дали членството во ЕУ воопшто е бесконечно, или за некоја земја не би било поумно однапред да се ориентира на друга страна, на пример кон Москва или Техеран. Ако еднаш биде до темели растресена трајноста на ЕУ, тогаш овој регион ќе падне назад, не во 2011 или 2001, туку во годините 1991, 1981 или уште поназад“.

Извори: ФР/БЦ/ДВ/ФАЦ

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски