1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Георгиевски за ДВ: “Македонија за две години во НАТО, а за три години почеток на преговори со ЕУ“

Интервју со Љубиша Георгиевски – претседател на македонскиот парламент. Интервјуто го водеше Горан Петрески

Скопје

Скопје

Прашање:

Професоре Георгиевски, како еден режисер се снаоѓа во политиката? Во парламентот влегувате првпат и тоа веднаш како претседател. Зошто се нафативте на оваа функција?

Одговор:

“На извесен начин јас цел живот сум се занимавал со менаџмент на конфликти – драмата е конфликт, режијата е менаџмент на конфликт, само што тој менаџмент на конфликт го правите на сцена, а овој менаџмент на конфликт сега ќе го правам во парламентот, што исто така е сцена. Се што е јавност е сцена, затоа и се вика рес-публика, тоа е јавна сцена. Се разбира таа режија ќе биде таква како и секоја друга режија. Режијата делува на каденците, на интонациите, на атмосферата, на нивото, додека одлуките коишто се носат ќе си ги носи мнозинството. “

Прашање:

Вашето име се споменуваше и за министерската фотелја во ресорот надворешни работи. На што се должи оваа промена во кадровските решенија?

Одговор:

“Па, точно е дека јас речиси две години ја водев комисијата за надворешни работи во нашата партија. Како што знаете нашата партија е структуирана по комисии и тие комисии на извесен начин ги собираат луѓето околу себе и ги фингираат министерствата додека сме во опозиција. Тие на извесен начин се министерства во сенка, тие ја креираа идната програма со која настапувавме на изборите и.т.н. И, тоа е еден автоматизам, но тој автоматизам не мора да го обврзе премиерот за сите што се шефови на комисии подоцна да бидат и шефови на министерства, особено во една компликувана, исклучително компликувана ситуација на постојани флуктуации на министерствата од едни раце во други како резултат на многу компликуваните коалициони преговори. Штом имате една партија на власт која е во коалиција со 16 други, тогаш тие така да речам “таксани“ министерства на “таксани“ луѓе стануваат волатилни, несигурни, и мислам дека вистинските луѓе ќе го прифатат она место во кое што ги гледа нацијата, во кое што ги гледа партијата, во кое што ги гледа политичката елита, благодарение на која што и станале кандидати. “

Прашање:

Го познавате ли доволно уставот, законите или собранискиот деловник? Како ќе раководите со парламентот кога меѓу 120-те пратеници има искусни, докажани политичари?

Одговор:

“Јас го научив оној устав поранешен, напамет, кога бев кандидиран за претседател. Тој устав го знаев напамет. Сега го читам овој со амандманите, тоа е новото нели, но за тоа има советници, експерти, има кабинет. Ако некој очекува претседател на држава или на парламент или на партија или на влада да знае се – многу се лаже. Помина времето на тие “заратустри“, нели, Бизмарк кој знаеше се. Не, Бизмарк не знаеше ништо, ама му веруваа дека знае се. Сите финеси, односно експертски работи ќе си ги прави кабинетот, а суштината и големата суптилност на должноста претседател на парламент е чувството за процедура, затоа што демократијата е процедура. Штом процедурата не е чиста, не може да стане збор за демократија. Во таа смисла моето чувство за демократија нема да ме изневери. “

Прашање:

На новиот парламент му претстојат неколку комплицирани и важни закони, на чие донесување инсистира и меѓународната заедница. Како ќе го менаџирате донесувањето на законот за полиција и законот за службена употреба на јазиците?

Одговор:

“Јас мислам дека што се однесува до тие менаџменти на такви политички напнатости и конфликти, треба да се испочитуваат два принципи. Од една страна, иако демократијата е владеење на мнозинството, мнозинството не би смеело да го мајоризира малцинството во парламентот по секоја цена, затоа што тоа е демократско општество, но сеуште не е слободно општество. Големината на слободните општества се состои во тоа што мнозинството постапува според оној принцип на Његош – принцип на јунаштво и чојство. Његош велеше дека јунаштвото е јунаштво, храброст, но чојството е храброст да го заштитиш човека од себеси. Значи мнозинството треба да знае како да го заштити малцинството од себеси. Еден закон сразмерно и пропорционално со неговата вредност, комплицираност и имплицитна политичка експлозивност внатре, треба дотолку повеќе да се гради, да се создаде слика како сите партии во парламентот да го градат, како да го гради целата држава. Важните закони треба да бидат субјект на широки јавни расправи, на мултиплицирани експертизи, на подготовка на јавноста, на, ако сакате, медиумска офанзива. Тоа особено се однесува на законите кои ќе ни требаат за пристап кон Европа. Значи, мнозинството не треба да тргнува од принципот: “Ах, ние сме повеќе, ќе кренеме раце и малцинството ќе мора да падне.“ Малцинството ќе падне, ама ќе го фрустрираме. “

Прашање:

Со заминувањето на ДУИ во опозиција можно е да се очекува дека оваа партија ќе прави опструкции во парламентот. Како ќе се справите со нив?

Одговор:

“Јас немам зошто да се справувам со нив. Тие се една легитимна парламентарна партија и јас нема што да се справувам со нив. Ќе прават опструкции, ако прават. Тие го преземаат врз себе ризикот за својата политичка судбина. Мислам дека една политичка партија која прави опструкција во парламентот, сега, во денешно време, прво се изложува на дежави ситуација, второ е тоа доста пати видено, трето од тоа многу луѓе настрадаа при распадот на Југославија. Времето на насилството како такво – помина. Не може да се прави двапати иста претстава, а двапати да се прогласува за премиера. Има премиера, па има реприза. “

Прашање:

Зошто нема место за ДУИ во вашата коалиција? Што ВМРО ДПМНЕ не и верува на ДУИ?

Одговор:

“Искрено речено, јас не бев дел од тие коалициони преговори, затоа што се ориентирав на оваа работа. Проблемот не е во тоа. Проблемот е во тоа што се извитоперува Рамковната спогодба. ДУИ говори за некакво мнозинство. Во една држава има едно мнозинство. Ако во една држава има две мнозинства – тогаш се две држави. Ако тие бараат две држави, нека излезат со такво барање, па ќе видиме... со парламентарни средствам, со демократски средства, а не да се кријат зад прст. Тие се партија за интеграција, а имало две мнозинства. Нема две мнозинства. Во фудбал, во една држава нема два прваци, има само еден првак. Со еден збор – ние имаме Бадентерово мнозинство, ние имаме консенсуална демократија, ама во една држава. Ние инаку, ако се раководиме според нешто друго, можеме да заведеме консенсуална држава и со некоја друга држава – да се погодиме: во четврток и среда ќе бидеме сојуз, а во петок кога ќе се налутиме ќе го раскинуваме сојузот. Тоа, знаете е несериозно.“

Прашање:

Пред 12 години, како претседателски кандидат, рековте дека ќе му ги “скастрите канџите на албанскиот орел“. Каков е сега вашиот став во однос на Албанците во Македонија?

Одговор:

“Ист. И, не реков така, туку така ме интерпретираше камарилата на Киро Глигоров од тогашната Македонска телевизија, и тоа се’ во функција на Киро Глигоров и државата да можат да ги фалсификуваат тие избори. Она што го реков тогаш ќе го речам и сега и стојам зад тоа. Тогаш реков вака: на албанското малцинство треба да му се даде огромен подем во образованието, во културата, во бизнисот – нека летаат високо. И, тоа летање високо, во културата, бизнисот и во образованието, беше асоцијација на орелот. Но, реков, ако пуштат канџи, ќе им ги скратиме канџите, што е најнормална работа. Ако некој го нападне уставниот поредок, тој за тоа треба да одговара, инаку не се работи за држава туку за собир на сватови на свадба.“

Прашање:

Кога Македонија ќе ја добие новата влада?

Одговор:

“Треба да се очекува за 15 дена. “

Прашање:

Дали владата на Никола Груевски ќе биде стабилна, со оглед на тоа што ужива поддршка на 65 пратеници?

Одговор:

“Па, на Балканот не гледам некоја влада да има поголема поддршка. На пример, во Хрватска, владата е дури малцинска, таа егзистира на принцип на договор дека некои партии ќе ја поткрепуваат, во Бугарија предноста е исто така многу тенка, а и во Албанија. Малата предност на мнозинството пред малцинството е добар знак за демократијата. Во Франција, Ширак беше избран за половина процент, во Германија десницата победи за еден процент. Така е секаде каде што има демократија. Тоа одговара на онаа прочуена анегдота – ако во некоја политичка битка сте победиле со 95%, сомневајте се длабоко дека сте кретен. Ако сте победиле со 80% гледајте кој ви подметнува нешто. Ако сте победиле со 65% некој изгледа навивал за вас, но ако сте победиле со 55%, тогаш победата ви е сигурна. Големите мнозинства се комунистички. Чаушеску победуваше со 103,6%. Владата е стабилна ако донесува вистински решенија, ако спроведува вистински реформи, ако ја спроведува програмата врз основа на која ја добила довербата. Тогаш владата е сериозна и стабилна, а не поради флуктуации на неколку пратеници кои да речеме се лошо политички ориентирани, па во мракот допираат некаква синекура. Некои ќе си одат, некои ќе дојдат. Ние очекуваме да доаѓаат од опозиција кај нас.“

Прашање:

Имате ли конкретни најави за такво нешто?

Одговор:

“Не. Очекуваме како што минува времето така луѓето, граѓаните, да ни поверуваат уште повеќе, зашто ќе гледаат сериозни нешта чекор по чекор. “

Прашање:

Каде ја гледате Македонија по две-три години?

Одговор:

“Мислам дека благодарение на промената на фокусот на интересот од етничките проблеми на економските проблеми, Македонија многу побрзо ќе напредува во развојот на демократските институции и вредности и дека веќе по три години ќе има почнато дијалог со Европа за влегување во ЕУ. За три години ќе почне дијалогот, кој ќе трае можеби три,четири, пет нови години, но редно е да се очекува дека за две години ќе бидеме веќе членки на НАТО, а за три години ќе ги почнеме преговорите со ЕУ. “