1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Генијалците во Македонија недоволно искористени

Меѓу членовите на Менса Македонија има такви чиј што капацитет не е доволно и искористен и кои би биле среќни ако им се овозможат услови да можат да го дадат својот максимум за напредокот на Македонија и на човештвото.

Во Македонија има околу 40 илјади луѓе со натпросечна интелегенција. Оваа бројка произлегува од научната претпоставка според која 2 процента од населението на една земја поседува повисок степен на интелегенција од останатите. Официјално, 700 луѓе во Македонија имаат повисок коефициент на интелигенција и поседуваат сертификат на Менса Македонија, една од организациите во земјата кои вршат релевантно тестирање на интелегенцијата. Претседателот на Менса Македонија Петар Пандилов објаснува:

„Од 1999 година, кога го организиравме првото Менса тестирање во Република Македонија , па наваму, имаме идентификувано преку 700 лица што го исполнија основниот услов за членство во Менса Македонија. Тоа се лица што на тестовите за прием на членови во Менса постигнаа резултат што ги квалификува во горните 2 отсто од светската популација. Ако тргнеме од тезата дека, глобално гледано, интелигенцијата е рамномерно распределена, тоа би значело дека во Република Македонија би требало да има околу 40.000 потенцијални членови на Менса Македонија“.

Како да се идентификуваат надарените?

Intelligenztest

Во некои земји надарените деца се идентификуваат уште на најмала возраст. Потоа тие деца уште во градинка се насочуваат кон сопствените афинитети и општествените потреби.

Менса Македонија обединува лица од најразлични профили и професии, чија заедничка карактеристика е високата интелигенција. Пандилов објаснува дека во некои земји се реализираат Менса програми за надарени деца во претшколска возраст и оти доколку има интерес од соодветните инситуции во Република Македонија, тие искуства би можеле да се применат и кај нас.

„Ние дејствува,е, односно би можеле да дејствува,е во најразлични сфери. Високиот интелектуален потенцијал може корисно да се искористи буквално во секоја професија односно сфера“, објаснува претседалот на Менса Македонија.

Го прашавме дали натпросечно интелегентните луѓе имаат предност при вработување ако достават сертификат од Менса? Вели дека тоа зависи од работодавачите и од нивниот пристап, односно кадровска политика.

„ Натпосечната интелигенција значи дека лицето поседува голем интелектуален потенцијал и во голема мерка може да е гаранција за висок квалитет и високи перформанси. Таа може да е добра основа и показател дека една личност поседува и други развиени таленти и вештини. Но, натпросечната интелигенција е само една карактеристика на една личност. Секако, важни се и работното искуство, образованието, вештините, мотивацијата, афинитетите и сите други квалификации“.

Како да се задржат генијалците дома?

Воспитувачите, учителите, професорите односно психолозите и педагозите можат релативно лесно да ги идентификуваат надарените деца при својата работа со нив. Колку порано се идентификуваат, толку подобро за сите бидејќи тоа е еден од можните начини да се намали одливот на мозоци од земјата, односно да се задржат генијалците дома. Дојче Веле го праша првиот човек на Менса Македонија колку членови си заминале од татковината.

„Официјална статистика немаме. Сепак, како еден од основачите на Менса Македонија и еден од ретките што непрекинато во изминативе 13 години активно учествувам во нејзината работа и развој, го имав задоволството да се сретнам и да соработувам со многу наши членови. Од моите лични контакти, знам дека некои од нашите членови се во странство“, вели Петар убеден дека меѓу членовите на Менса Македонија има такви чиј висок интелектуален капацитет, квалификации, таленти и вештини не се доволно искористени, и кои би биле среќни ако им се овозможат услови и позиции на кои ќе можат да го дадат својот максимум во развојот и напредокот на Република Македонија и на човештвото воопшто.