1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Генерал Тејта: ОНА планираше „виетнамски“ напади врз Скопје

Американскиот генерал Ентони Тејта, командантот кој во 2001 година ја предводеше операцијата за извлекување на герилците на Ослободителната национална армија од Арачиново, во интервју за МИА, се навраќа на акцијата.

Mazedonien

Ентони Тејта во разговор за МИА, разјаснува дел од причините за акцијата во Арачиново во 2001 година, велејќи дека најголема загриженост предизвикувала заканата од ОНА дека, доколку се соочат со пораз во Арачиново, ќе почнат со улични напади низ Скопје.

Генералот Тејта на Косово пристигна во мај 2001 година на чело на бригада на 101-ата воздушно-десантна дивизија и вели дека единствена задача му била да стави крај на потпалувањето на војната во Македонија од страна на Косово. Наспроти оценките дека меѓународните сили на Косово не сторија многу за да ја запрат војната во Македонија, Тејта вели дека неговите луѓе имале голем успех на теренот и дека всушност тоа било причината што ОНА се решила на ризичен чекор како што е освојувањето на Арачиново.

„Ние добивме мисија да ги спречиме герилските активности во Македонија кои доаѓаа од Косово, што беше многу поинакво од старата мисија на бригадата која ја заменивме - а тоа беше да се заштити Косово од српски напади. Моја задача беше главно да патролираме по познатите шверцерски канали на границата, од скијачкиот центар Брезовица до тромеѓето на Србија, Македонија и Косово, кое го викавме кокошкина нога. Знаевме кои се рутите за шверц и имавме распоредено пешадиски и извиднички единици со цел да го попречиме уфрлањето на герилци од Косово во Македонија. И имавме многу успех во тоа, мислам дека притворивме меѓу 800 и 900 герилци на ОНА, кои ги носевме во притворот во Бондстил. Заробениците фатени на границата ги испрашувавме, нашите разузнавачи ги процесуираа, ги идентификувавме и некои ги држевме подолг временски период, зависно од сериозноста на тоа што го правеа, особено ако пукаа врз нас. Сметавме дека во голема мерка ги попречуваме напорите на ОНА, што можеби доведе до нивниот напад во Арачиново. Тие чувствуваа дека нашите напори вршат силен притисок врз нив и мислеа дека што е можно поскоро мораат да сторат нешто. Оттаму, Арачиново за нив беше стратегиска цел, од која може да го видите цело Скопје, рафинеријата, аеродромот, Собранието и Владата, и се‘ да ви биде на минофрлачки дострел“, вели генералот Тејта.

За самата битка за Арачиново, Тејта се сеќава дека предизвикала голема загриженост во мисиите на КФОР и на НАТО, а тој самиот бил повикан да интервенира откако во селото влегла мисијата на дипломатот Питер Фејт, испратен да преговара со командата на герилците. Тејта вели дека неговата команда имала разузнавачки единици и додава дека ОНА успевала да ги одбрани своите позиции во селото и покрај нападите на македонските сили поддржани со хеликоптери и авиони. Но, во исто време, герилците останувале без муниција, храна и вода. Во таква ситуација, кога на нивната главнина и‘ се заканувало да биде уништена, испратиле најави дека градот Скопје ќе биде цел на нападите слични на тие извршени од виетнамските сили против Јужен Виетнам во Тет-офанзивата.

„Ми беше кажано дека имаме информации дека ситуацијата е многу сериозна, дека герилците успеваат да ги одбранат своите позиции во Арачиново, но дека се при крај со резервите на муниција и храна. Ние ги имавме пресечено нивните линии за снабдување преку планините, и сметам дека затоа се согласија на предлогот да бидат преместени од Арачиново. Тие почнаа да се закануваат со напади против главниот град, велејќи дека тоа ќе биде своевидна Тет офанзива, налик на таа во Виетнам. Претседателот на Македонија не‘ замоли да влеземе во Арачиново, по што јас добив команда од генерал Ралстон, врховниот командант на НАТО. Внатре во селото имаше класична воена сцена, со урнати згради, ракети во земјата како пикада, мртви животни, ранети герилци. Побаравме од герилците да се постројат, се сретнав со нивниот командант Хоџа, еден низок човек со брада. Го вперив прстот во него, му реков дека немам овластување да ги разоружам неговите луѓе, но ќе мораат да ги испразнат оружјата пред да се качат во моите возила. Му реков дека ќе им нареди на неговите луѓе да се стават под моја команда. Тоа беше една надреална ситуација за мене. Немаа големи резерви на муниција, или на вода и храна. Некои од нив дојдоа само со по една кеса или ранец со куршуми и храна со себе. Кога ја одвоивме нивната муниција на страна, одвај се наполни еден камион. Преместивме меѓу 300 - 400 герилци од Арачиново до Никуштак, каде прва работа која тие ја направија беше да распоредат снајперисти на покривите и минофрлачи и митралези, очекувајќи дека ќе бидат нападнати“, се сеќава Тејта.

Mazedonien

Македонски полицаец во Арачиново во јуни 2001 година

Генералот Тејта денес е секретар за транспорт на американската сојузна држава Северна Каролина. Тој вели дека, и покрај искуството од Авганистан и Ирак, каде бил испратен веднаш по рокот поминат во Македонија, сепак извлекувањето на групата на Хоџа од Арачиново го смета за најтешката операција која морал да ја изведе во животот. Неговата чета, по враќањето од Никуштак, се соочи со барикади на патот кон аеродромот, а набргу потоа продолжија престрелките меѓу ОНА и македонските сили, со американските војници заробени меѓу нив.

„Моите војници покажаа неверојатна воздржаност за да не стрелаат врз никого. Јас имав вкупно 70 војници на терен, заедно со возачите на камионите. На крајот моравме да поминеме низ Никуштак и од другата страна на Арачиново. И таму имаше тенковска чета на македонската армија, но најдовме селски пат по кој се извлековме. Веднаш следниот ден македонските сили влегоа во Арачиново и го обезбедија. Со тоа операцијата беше успешна, стратегиската закана за главниот град беше отстранета. Македонскиот претседател се согласи со предлогот на НАТО за разоружување на герилците, операцијата Неопходна жетва во која беа предадени илјадници парчиња оружје. Ова беше тежок период, но македонската Влада, и албанското население на Македонија заедно излегоа како победници“, заклучува генералот Тејта во интервјуто за МИА.