Генералното собрание на ОН го осуди Израел за насилството во Газа | Свет | DW | 14.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Генералното собрание на ОН го осуди Израел за насилството во Газа

Со големо мнозинство земјите членки ја осудија масивната употреба на насилство од страна на Израел против палестинските цивили. САД на гласањето доживеаја пораз.

Генералното собрание на ОН доцна синоќа усвои резолуција во која Израел се осудува за насилство во Појасот Газа и за „прекумерна употреба на сила“, откако претходно беше одбиено барањето на САД во документот да се придодаде осуда за нападите на Хамас врз израелска територија.

Резолуцијата која ја предложија Алжир, Турција и Палестинците е усвоена со 120 гласа „за“, 8 „против“ и 45 „воздржани“. Гласањето против барањето на САД, кое е одбиено со мал број гласови, претставува одраз на големата загриженост на светското тело кое го сочинуваат 193 земји членки дека резолуцијата која ја спонзорираа арапските и исламските земји е еднострана и дури не го споменува Хамас кој испука над 100 ракети кон цели во Израел.

За време на масовните протести на границата меѓу Појасот Газа и Израел на 30 март загинаа над 120 Палестинци, а над 3.800 се ранети од израелски оган. Поголемиот број од жртвите и ранетите не беа вооружени, тврдат официјални медицински лица во Газа. 

Повеќе:

-Газа: 60 мртви и прашањето на одговорноста

-Еден јубилеј, една амбасада и еден уништувач со име Трамп

-Крваво отворање на амбасадата на САД во Ерусалим

Употребата на потенцијално смртоносна сила против демонстрантите предизвика меѓународни критики.

Израел, меѓутоа, го обвинува Хамас дека обидите за напади ги прикрива со протести.

Израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, на вонредната седница на Генералното собрание свикана на барање на Палестиниците рече дека Хамас врши насилни напади против Израел и оти има за цел да ги освои главните градови, Хаифа, Тел Авив и Ерусалим, а Израел сака да осигура дека тоа нема да се случи.

За Палестиниците резолуцијата е гаранција оти генералнот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во рок од 60 дена ќе предложи начини и средства за обезбедување заштита и благосостојба на палестинското цивилното население под израелска окупација, вклучувајќи и механизам за меѓународна заштита.

Меѓутоа, резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки за разлика од оние кои ги усвојува Советот на безбедност. Сепак, тие се одраз на меѓународното мислење и на политичката волја, изјави портпаролот на Генералното собрание, Бренден Варма.

DW.COM