1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Генерален штрајк - Грците не сакаат штедење без крај

Додека грчката влада работи на последните детали од костурот на веќе договорениот пакет за штедење, синдикатите одат одново на улица за да протестираат против кратењата во платите и пензиите.

Грција гледа напредок во преговорите со т.н. Тројка од ЕУ, ММФ и ЕЦБ, иако финансиската контрола на терен на нејзината работа беше прекината пред неколку дена. Одобрувањето на дополнителен пакет заштеди во висина од 11,5 милијарди евра се смета како предуслов за исплатата на третата кредитна транша од тековниот пакет за спас на Грција во висина од 130 милијарди евра. Најголем дел од оваа исплата треба да се искористи за докапитализација на грчките банки.

За луѓето од Грција ова значи нов пакет на штедење и дополнително влошување на животните околности. Освен кратењата на платите и пензиите, зголемена е и старосната граница за пензионирање на 67 години. Против тоа синдикатите повторно излегуваат на улица. Денеска (26.09.2012) се одржува генерален штрајк, на кој се очекува да учествуваат и полицајците. Државните административци протестираа против мерките за штедење уште пред три недели, што доведе до чудни сцени, кога чуварите на редот го блокираа главниот влез на седиштето на специјалната полиција во Атина.

„Прагот на издржливост е достигнат“

Christos Fotopoulos Polizeigewerkschaft Griechenland

Христос Фотопулос

Полицајците сакаат да маршираат и на денешниот протест, надгледувани од колегите кои не штрајкуваат. Нивниот протест е задоцнет, бидејќи многу од нив во меѓувреме мора да живеат на работ на егзистенција, забележува претседателот на синдикатот на полицијата Христос Фотопулос.

„По неколкуте рунди кратења од Тројката ние имаме, во зависност од рангот, кратења во примањата од 30 до 45 проценти“, вели Фотопулос. Денес нето платата на еден полицаец е 685 евра и би можела уште да се намалува. „Министерот за финансии објасни дека нашите примања ќе бидат намалени за дополнителни седум проценти, а освен тоа до крајот на годинава нема да добиеме додаток за ноќна работа. Притоа, зборуваме за мали 2,93 евра бруто по час. Исто така достигнат е и прагот на издржливост“, се жали Фотопулос.

Тој додава дека, поради мерките за штедење, полицајците имаат проблеми во извршувањето на работата. Понекогаш нема горива за патролните возила, а понекогаш нема греење. Фотопулос забележува дека полицијата не може да ги подмири долговите кај добавувачите на гориво.

Празни ветувања

Под притисок од страна на кредиторите сите грчки влади од 2009-та наваму го кратеа буџетот и го зголемија даночното оптоварување, со што грчката економија продолжи да тоне. Но, ветените структурни реформи за кратење на администрацијата и отворање нови работни места дадоа мал напредок. Пропаѓањето во должничкиот вител и рецесијата го отежнува успехот во заштедите. Економскиот аналитичар и директор на економскиот портал Capital.gr Танасис Мавридис забележува дека со тоа се поткопува политичката стабилност во земјата.

Thanasis Mavridis Wirtschaftsanalyst Griechenland

Танасис Мавридис

„Во земјата има политичари кои буквално ја обвинуваат Тројката дека таа сака да види да потече крв“, вели Мавридис. Тој ја разбира разочараноста на контролорите, но исто така забележува оти новата влада заслужува шанса, бидејќи дома нема широка поддршка и се обидува да создаде сојузништва во странство. „Ако од странство реформските сили во Грција се стават под притисок, тогаш имаме проблем. Ова не може добро да помине“, стравува Мавридис.

Новите обвинувања за корупција дополнително ја оптоварија социјалната клима. Според непотврдени медиумски извештаи, претседателот на парламентот Евангелос Меимаракис и други врвни политичари се вклучени во скандал со недвижности. Меимаракис го демантираше ова, но сепак објасни дека ја става службата во мирување се‘ додека од страна на судството и даночната истрага не се расчистат нападите врз него.

Во меѓувреме, продолжуваат и шпекулациите за нова финансиска дупка во грчкиот буџет. Тоа е демантирано од властите, а министерот за финансии Јанис Стурнарас на контролорите им презентираше каталог со заштеди во висина од 17 милијарди евра. Но, Тројката призна заштеди само од 9,5 милијарди евра и ја напушти земјата. Според медиумските извештаи ќе се врати „кога владата ќе заврши“ со задачите.