1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Гелзенкирхен - полициска интервенција по „грчки наод“

Натпреварот од плеј-офот во квалификациите за Лигата на шампионите меѓу Шалке и ПАОК може да има и „трето полувреме“ - и тоа во УЕФА, токму поради инцидентот на трибините на стадионот во Гелзенкирхен.

Причина беше знамето на навивачката група Комити од Скопје, што го истакнаа нивните пријатели од Ултрас - навивачката група на Шалке. Во Шалке не стравуваат од можна казна. Петер Петерс, извршен раководител на клубот, аргументира притоа дека агресијата произлегла од гостинските навивачи. Токму поради инциденти што тие ги предизвикаа порано, реваншот меѓу ПАОК и Шалке во Солун ќе се одигра пред празни трибини.

Од УЕФА, како што пренесува агенцијата ДПА, велат дека прво го очекуват официјалниот извештај од натпреварот, пред да се позанимаваат со него.

Шалке: Вистинската опасност доаѓаше од кај Грците

Во Шалке се многу незадоволни затоа што полицијата интервенираше против Ултрасите, применувајќи притоа дури и солзавец, поради што 30 лица морале да побараат и медицинска помош. „Овој инцидент мора да биде целосно расветлен“, изјави Петер Петерс. Домаќините не можат да разберат зошто полицијата не видела поголема опасност во блокот на грчките навивачи, кои користеле пиротехнички средства. Преку твитер денеска Петерс пренесе дека на луѓето во Шалке „повеќе им пречи однесувањето на грчките службени лица, отколку на полицијата. Тоа беше извртување на вистинската состојба“. Имено, германската полиција реагирала по проценката на состојбата од страна на присутните грчки колеги. Тие навеле дека истакнатото знаме на скопските Комити претставувало „предизвикување омраза меѓу народите“ и оти и самите се чувствувале многу навредени. Наводно, истото знаме било повод и за инциденти на средбата Рапид Виена - ПАОК минатата година.

Champions League FC Schalke 04 - PAOK Saloniki

Фудбалот во сенка на инцидентот

Знамето на Комитите останало недостапно за полицијата

Раководството на полицијата во Гелзенкирхен најави целосна казненоправна обработка на настанот. „Се разбира дека притоа ќе стапиме во дијалог со Шалке“, изјави Клаус Носке, втор човек на полицијата во градот. Тој оцени дека со акцијата полицијата спречила уште полош развој на настаните. „Грчките навивачи се чувствуваа толку навредени, што сите 2500 беа подготвени да навлезат во блокот со навивачите на Шалке“. Според проценките на полицијата, притоа можело да дојде до тешки, па и смртоносни повреди. „По одмерувањето на сите околности од правен агол, тоа беше апсолутно најблагата, па сепак неопходна мерка, за да се гарантира безбедност“, изјави на прес-конференција Клаус Зицер, раководител на полициската акција на стадионот. Тој зборуваше за емоционален набој кај гостинските навивачи, што ни домашните, ниту присутните грчки полицајци не можеле да го контролираат. Употребата на солзавец ја објасни како реакција на нападот од навивачите на Шалке врз полицајците, кога тие навлегоа на трибината. Патем, полицијата признава дека знамето на Комитите било префрлено и истакнато на друг дел од трибината непосредно пред да стигнат полицајците, а потоа е сокриено и останало недостапно за нив.

На социјалните мрежи - осуда на полициската постапка

„Нечуено е она што го направи полицијата. Полицајците што се одговорни треба да добијат забрана за влез на стадионот, а не мирољубивите навивачи. Добро е што клубот застана на нивна страна“, ја пренесува онлајн-изданието на весникот „Ди велт“ пораката на Ханс Зарпај, поранешен играч на Шалке, упатена преку Фејсбук. Во многубројните реакции на написот во весникот убедливото мнозинство остро ја критикува постапката на полицијата, па има дури и потсмевања на нејзина сметка, посебно поради аргументацијата за ’предизвикување омраза меѓу народите‘ со истакнатото знаме на Комитите. „Што ќе беше ако навивачите истакнеа германско знаме?! Ќе беше ли тоа за нашите грчки ’гости‘ исто така провокација, а тие во Атина палат слики на Ангела Меркел и нас Германците не‘ навредуваат како нацистички свињи?!“, напиша еден од читателите.