1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гвантанамо - живот во пеколот

Најголемиот дел од осомничените терористи кои во изминатите години беа уапсени во Авганистан, Ирак или други земји, завршуваа во Гвантанамо. Еве ја личната приказна на еден поранешен затвореник.

default

Затвореници во Гвантанамо на утринска молитва

Деновиве во Берлин, организацијата Амнести интернешнл апелираше до Германија да прифати неколкумина затвореници од Гвантанамо, затвор кој со години е синоним за незаконското постапување на САД со осомничените терористи. Во моментов, во затворот остануваат околу 200 затвореници, од кои на неколкумина ќе им биде судено пред американските цивилни судови, а останатите треба да бидат депортирани во матичните или во трети земји.

Моазам Бег го доживеа и преживеа пеколот на земјата. Не само во Гвантанамо, туку и во Авганистан, во градовите Кандахар и Баграм, каде САД ги држеле осомничените за тероризам. Неговото мачеништво траело од 2002 до 2005 година. Од ослободувањето, живее со сопругата и четирите деца во Бирмингем, Англија, но и понатаму се ангажира за судбината на оние кои се‘ уште седат во затворот. Сите тие го доживуваат она што го доживеал и Моазам:

„Не знаев дали некогаш повторно ќе го видам семејство, дали ќе бидам погубен, или ќе поминам децении во Гвантанамо. Такви работи слушав од луѓето кои ме сослушуваа“.

Гвантанамо е само врв на ледениот брег, вели Бег. Има и други затвори во други земји, во кои завршувале осомничените пред да бидат префрлени во Гвантанамо.

„Таму не мачеа, удираа, злоставуваа. На еден човек му се закануваа дека ќе му наштетат и на неговото семејство. На друг дека нема повеќе да види бел ден. На крајот, ќе потпишете лажни признанија, дури и ќе посакате да одите во Гвантанамо“.

Guantanamo Flash-Galerie

Бег е уверен дека Гвантанамо уште долго ќе остане симбол на неправдата

Терористи на продажба!

Кога Барак Обама стана претседател на САД најави дека ќе го затвори Гвантанамо во рок од една година. Но, за тоа веќе нема шанси. Обама го потцени расположението во сопствената земја, вели адвокатот Зарачи Кацнелсон, кој застапувал околу 40 затвореници од Гвантанамо. Кацнелсон вели дека една истрага покажала оти најголемиот дел од затворениците во Гвантанамо не биле уапсени од американските сили, туку од Пакистанци и Авганистанци. Многу често, тоа биле обични селани кои добиле огромни пари како награда за, наводното, апсење на терористи.

„Зборуваме за регион во кој годишниот приход изнесува 400 долари. Многу лесно со една пријава или апсење може да се заработат тие пари. Тоа доведе до тоа, да бидат пријавувани било кои личности, а за тоа беа добивани награди од 30 илјади долари“.

Поранешниот затвореник Моазам Бег е уверен дека Гвантанамо уште долго ќе остане симбол на неправда и повреда на човековите права во борбата против тероризмот. Тој ја повикува и Германија да се вклучи во борбата за правда, која ја водат тој и други поранешни затвореници и адвокати.

„Се надевам дека Германија ќе се приклучи кон решавање на проблемот, па макар и да е доцна за тоа.“

Автор: Марсел Фирстенау / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска