1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гвантанамо во Авганистан!?

Оспоруваниот логор на Куба не е единствениот американски затвор за осомничени за тероризам. Сличен постои и во американската воена база во Баграм кај Кабул. Каква е ситуацијата во оваа институција?

default

Затвореници во Гвантанамо

Од информациите што се на располагање може да се заклучи дека почитувањето на човековите права во затворот во Баграм е барем толку лошо колку и во оној на Гвантанамо. Со една суштинска разлика - Баграм е затвор во земја каде се води војна и затоа за него важат други критериуми. Во моментов не може ништо да се каже за судбината на околу 650 лица кои се затворени во него. Станува збор пред се’ за талибански борци, уапсени во борбите. Според најавите на новата американска администрација, Барак Обама има намера уште порешително да ја води борбата против талибанските сили во Авганистан. Дотолку е веројатноста за скорешно затворање на оваа установа навистина мала.

Нечовечки услови за затворениците

Од изјавите на инсајдери, пред се’ поранешни затвореници кои биле пуштени на слобода, се дознава дека условите се многу лоши. Тие се подложени на измачување при сослушувањата, како тепање, закани и затворање во самици. Мохамад Акрам Мир Хасар од авганистанската Комисија за помирување водел повеќе разговори со поранешни затвореници, кои се жалеле на третманот во затворот на Американците.

Taliban Gefangene in Guantanamo

Талибански затвореници во Гвантанамо

Лал Гул Лал од една невладина организација во Авганистан тврди дека условите се многу тешки. Во Баграм според него се кршат меѓународно признатите човекови права во секој поглед. „Има измачувања, сакатења, а некои затвореници дури умреле од тоа“, предупредува Лал. Наџиб Махмуд, правник од Кабул, поради овие причини бара при сослушувањата да присуствуваат авганистански адвокати или меѓународни претставници. Доколку тоа не се случи, тој е сигурен дека ќе дојде до натамошни напнатости и заострување на кризата во Авганистан!“

Планови за модернизирање

Новата американската администрација треба да реши уште дали ќе ги оствари плановите на претходната влада за изградба на нов затвор со подобри, модерни услови, исто така во базата Баграм. Сегашниот затвор е преуреден хангар за поправка на авиони од времето на советската окупација. Во меѓувреме, според американски извори, околу 500 затвореници биле префрлени во специјалниот затвор во Пул-и-Чакри, каде надзорот го вршат авганистански војници. Меѓутоа Американците не ја разгледуваат можноста сите затвореници од Баграм да преминат таму и да им се предадат во надлежност на авганистанските правосудни органи. Тие стравуваат дека затворениците би можеле да побегнат или да бидат ослободени преку плаќање мито.