1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гвантанамо беј – мачилиште и судница

Денеска (05.05) конечно почнува судењето на обвинетите за нападите во САД на 11.09.2001. Процесот се води пред воениот суд во озлогласениот Гвантанамо, што повторно предизвика критики на сметка на Белата куќа.

„Постојното американско кривично право би било сосема доволно“, вели Сумит Батачарија, портпарол на организацијата Амнести интернешнал. Тој смета дека осомничените терористи во САД можеле да бидат уапсени и според сосема нормална американска правна процедура да бидат изнесени пред редовните судови, „бидејќи американското правосудство предвидува најстроги казни за убиства, посебно во случај на 3.000 луѓе“.

Militärtribunal Guantanamo USA

Судницата на воениот суд во Гвантанамо

Наместо тоа, од 2002-ра година околу 800 луѓе се притворени во логорот Гвантанамо на Куба. На почетокот тие немаа никаков контакт со надворешниот свет, а против мнозинството од нив до денес не е подигнато обвинение. Освен тоа, тој логор стана познат и по крајно спорните методи на сослушувања, како што е мачењето со „watterboarding“ (симулирано давење во вода).

Тајност, наместо човекови права

„Долга е листата на повреди на човековите права во Гвантанамо“, вели Волфганг Хајнц, експерт од Германскиот институт за човекови права. „Се крши правото на слобода, на жалба, на еднаквост пред законот, на фер судење, на презумпција на невиност, а се крши и апсолутната забрана за мачење на затвореници“, потсетува Хајнц.

Батачарија се присетува дека „на почеток дури и се правеше обид да се држат во тајност имињата на затворениците“. Така беше се’ додека една новинска агенција не издејствува по судски пат објавување на имињата.

Chalid Scheich Mohammed Terrorist Guantanamo

Халид Шеик Мохамед - наводниот мозок на нападите во Њујорк

Ниту на специјалниот пратеник на ОН за мачење, Австриецот Манфред Новак, ниту на неговиот наследник, Аргентинецот Хуан Мендез, до денес не им е дозволено да го посетат логорот. Волфганг Хајц, кој е и член на Комитетот на Советот на Европа за борба против мачењето, вели дека постојат „класични правила“ според кои тие имаат право да зборуваат во логорот за затвореници со сите, вклучувајќи ги и самите затвореници и тоа во доверба.

Нечесни судења

Борците за човекови права ја критикуваат и постапката на судењето пред воената комисија во Гвантанамо. Со воените комисии во Гвантанамо е создаден фактички трет судски систем, нагласува Хајнц, потсетувајќи дека постои и американско кривично правосудство и воено правосудство со Воен суд како независна инстанца.

„Тој почива на тоа дека владата одредува какви кривични дела ќе се гонат и кои се воените судии, а обвинетите не смеат самите да ги изберат своите бранители“, вели Хајнц. И портпаролот на Амнести интернешнал смета дека работата на воената комисија нема врска со правната држава.

Symbolbild Haft Folter

Доказите изнудени со измачување се неприфатливи за сите останати судови во светот

„Признанијата добиени со мачење ниту еден друг суд на светот не би ги третирал како докази“, вели портпаролот Сумит Батачарија.

Американскиот претседател Барак Обама зазема позиција против мачењата со нивната забрана. Но, некои елементи на антитерористичката политика на својот претходник ги вгради дури и во законите. Хајнц како пример го посочува „враќањето на осомничените за тероризам во нивните татковини, во кои им се заканува мачење, како и апсење без обвинение и судски постапки“. Таквата пракса нанесе штета на кредибилитетот на САД во Советот за човекови права на ОН.