1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гбагбо не станува од претседателската фотелја

Досегашниот претседател на Брегот на Слоновата коска, Лоран Гбагбо го игнорира апелот на меѓународната заедница да се повлече од функцијата по загубата на изборите.

default

Лоран Гбагбо не сака да се повлече од претседателската функција

На неодамнешната средба со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, во Њујорк, новиот амбасадор на Брегот на Слоновата коска во ОН, Јусуфу Бамба изрази голема загриженост:

„Борбата за власт помеѓу досегашниот претседател Лоран Гбагбо и победникот на претседателските избори Аласане Ватара ја доведе земјата на работ од геноцид.“

Преговорите продолжуваат

Elfenbeinküste / UN / Ban / Bamba

Јусуфу Бамба во Њујорк се сретна со Бан Ки Мун

Ватара го назначи Бамба за нов амбасадор на неговата земја во ОН. Африканската унија, САД и Европската унија, како и Обединетите нации сметаат дека лидерот на опозицијата Ватара е победник на претседателските избори од крајот на ноември. Меѓународната заедница притоа се повикува на резултатите објавени од изборната комисија во Абиџан. Од друга срана, пак, Гбагбо вели дека неговата победа е потврдена од Уставниот суд.

Јусуфу Бамба веќе разговараше со членовите на Советот за безбедност на ОН за можностите Ватара да ја преземе власта. Според информациите од ОН, во немирите по претседателските избори досега се убиени 173 лица.

„Тие загинаа само поради тоа што демонстрираа, сакаа да го искажат своето мислење и ја застапуваа волјата на народот“, вели Бамба.

Западноафриканската заедница на држави ЕКОВАС се залага прво за преговори со Гбагбо. За среќа во моментов изгледа не е планирана воена интервенција, вели Жоржи Боржес, државниот секретар во Министерството за надворешни рабори во Републиката Зелен `Рт. Со посредништво на делегацијата на ЕКОВАС, под раководство на претседателите на Сиера Леоне, Бенин и на Републиката Зелен `Рт беше изграден „мост кон дијалог“. Но, неделава тројцата претседатели не успеаја да го убедат Гбагбо да се откаже од претседателската функција. Претседателот на ЕКОВАС и претседател на Нигерија, Гудлак Џонатан, соопшти дека преговорите ќе продолжат наредниот понеделник (03.01.2011).

Гбагбо има поддршка од Армијата

Elfenbeinküste Wahlen

Војниците на ОН се грижат за безбедноста на кандидатот од опозицијата

Во нигерискиот главен град Абуџа во меѓувреме заврши дводневната средба на врховните команданти на армиите на ЕКОВАС-државите, на кој се разговараше за можна интервенција во Брегот на Слоновата Коска. Заедницата на 15 западноафрикански држави минатата недела се закани со воена интервенција, доколку Гбагбо доброволно не се откаже од власта.

Но, досега нема знаци дека Гбагбо ќе се повлече. Тој има поддршка од армијата, а од друга страна, пак, Ватара и неговите соработници се засолнети во еден хотел на периферијата на Абиџан, кој е под заштита на војниците од ОН. Приврзаниците на досегашниот претседател се заканија дека ќе го нападнат хотелот. „Младината на Брегот на Слоновата Коска“ на први јануари со голи раце ќе го освои хотелот, соопшти министерот за труд и млади Шарл Бле Гуд пред насобраната толпа.

Во меѓувреме Европската унија го зголемува притисокот врз Гбагбо. ЕУ ја прошири листата за забрана за влез во земјите членки на Гбагбо и членовите на неговата влада, од досегашните 19 на 61 лице. Исто така наскоро ќе биде блокиран нивниот имот во Европа, соопшти Европската комисија во Брисел. ЕУ истакна дека ги признава само дипломатските претставници назначени од победникот на изборите Ватара. Владата на Гбагбо, пак, се заканува со враќање на дипломатите од државите кои не го признаваат досегашниот претседател.

Автор: Кристијан Валц/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Трајче Тосев