1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гаук ќе биде новиот германски претседател

Теологот, кој не и припаѓа на ниту една партија, борецот за човекови права во поранешната ГДР, Јоахим Гаук, треба да биде новиот германски претседател.

Владината коалиција од партиите на Унијата и либералите, заедно со опозиционите социјалдемократи и Партијата на Зелените постигнаа согласност да го номинираат 72 годишниот Гаук за иден претседател на Германија. На номинацијата и‘ претходеа интензивни политички преговори во Берлин.

Да се врати довербата во сопствените сили

„Се чувствувам возбуден и помалку збунет“, изјави старо-новиот кандидат за претседател на Германија Јоахим Гаук синоќа во Берлин и додаде дека тоа е посебен ден за него.

Но најважно од се’ за него ќе биде „луѓето во оваа земја повторно да научат дека живееме во добра земја, која може да ја сакаат“, дополни претседателскиот кандидат Јоахим Гаук на прес-конференција во Берлин. На луѓето тој сака да им ја повреди довербата  во нивните сопствени сили за надминување на кризи и да ги зајакне оние кои ќе преземат одговорност.

Pressekonferenz im Bundeskanzleramt Bundespraesident

Од синоќешната прес-конференција во Берлин

Шефовите на петте политички партии, ЦДУ и сестринската ЦСУ и коалицониот партнер Либералите, заедно со шефот на социјалдеморатите и претседателите на Партијата на зелените во Берлин на прес-конференција ја објавија номинацијата на Јоахим Гаук за иден претседател на Германија. Канцеларката Ангела Меркел од своја страна истакна дека борецот за човекови права во поранешнатат ГДР е „вистински учител за демократија“, кој до денес ја води „борбата против заборавот“. Според зборовите на шефот на опозиционите социјалдемократи, Зигмар Габриел, теологот знае како да ја поврати довербата на граѓаните. И вицеканцеларот Филип Реслер е уверен дека претседателскиот кандидат Јоахим Гаук  може да ја поврати „загубената доверба и достоинство“ на претседателската функција. Шефот на ЦСУ Хорс Зехофер увери дека Гаук ја има довербата на неговата партија и на Баварците. Додека за Клуадија Рот од Партијата на зелените, кандидатурата на Гаук е историски момент.

Претходеа интензивни политички консултации

На номинацијата на Јоахим Гаук и‘ претходеа тридневни интензивни политички преговори во Берлин, при кои, според германските медиуми, дошло и до сериозен судир меѓу партиите во владејачката коалиција. Имено, претседателството на помалиот партнер во владата на Меркел, либералите, во телефонска конференција одлучи да го поддржи Јоахим Гаук, кого го предложија социјалдемократите и Партијата на зелените, додека партиите на Унијата, Христијанските демократи на Меркел и сестринската Христијанско-социјална унија и натаму беа против кандидатот Гаук.

Pressekonferenz im Bundeskanzleramt Bundespraesident

Сепак согласност-Јоахим Гаук, Зигмар Габриел и Ангела Меркел

Унијата го фаворизираше  поранешниот министер за животна средина Клаус Тепфер, како и поранешниот претседател на Советот на евангелистичката црква на Германија, Волфганг Хубер. Овие кандидати меѓутоа не беа прифатливи за либералите. Канцеларката Меркел за да спречи натамошна ескалација, се согласи на заедничка номинација на Јоахим Гаук, а партитие на Унијата ги повлекоа своите задршки.

Јаохим Гаук беше кандидат за претседател уште летото 2010-та година. Тогаш го номинираа само Социјалдемократите и Партијата на зелените и во третиот изборен циклус загуби од тогашниот кандидат на владината коалиција, екс-претседателот Кристијан Вулф. Идниот германски претседател треба да биде избран најдоцна на 18-ти март. Изборот на претседателот го врши т.н. Сојузно собрание, тело во кое членуваат сите пратеници во Бундестагот и претставници на сите германски сојузни покраини.

Автор: АТ/ ЖА/ афп/дапд/ дв

Редактор: Ж. Ацеска