1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гаук сака обединет фронт за повеќе ЕУ и помалку екстремизам

Јоахим Гаук денеска (23.03) свечено се заколна како нов германски претседател, откако неговиот претходник Кристијан Вулф поднесе оставка поради серија корупциски скандали.

72-годишниот борец за човекови права од поранешна Источна Германија заклетвата ја даде пред Собранието кое го сочинуваа претставници на двата дома на германскиот парламент во Берлин. На церемонијалната функција тој беше избран минатата недела со големо мнозинство гласови.

„Гаук е нашиот прв претседател кој не е од Западот и првиот кој не стапува на должноста од претходна висока политичка функција“, рече Норберт Ламерт, спикерот на долниот дом на парламентот, Бундестагот.

Гаук, пензиониран лутерански свештеник и поранешен шеф на комисијата која ги разгледуваше досиејата на поранешната источногерманска тајна служба-Штази, во говорот вети дека ќе ја продолжи работата на неговиот претходник во промоцијата на „отворено општество за сите имигранти“ во Германија. Најголемиот дел од говорот тој го посвети на „демократското чудо“ во Германија која некогаш беше нацистичка диктатура.

Тој ги критикуваше исламските екстремисти кои оперираат низ светот „под плаштот на религијата“.

„Ќе се обединиме против нив. Сите нации се движат во правец кон слободата. Тие можеби ќе не‘ забават, но нема да не‘ сопрат“, порача Гаук.

Втората поента на неговиот говор беше залагањето за поголема солидарност во рамките на ЕУ. Гаук ги повика своите сограѓани да не и‘ го вртат грбот на Европската Унија и покрај тешката економска криза.

Vereidigung Bundespräsident Joachim Gauck Schwur

Јоахим Гаук полага заклетва

„Мораме да продолжиме да и‘ кажуваме ’да’ на Европа. Особено во времиња на криза, мора да се осмелиме да имаме повеќе Европа“, рече новиот претседател.

Првата посета на Полска

На инаугурацијата на Гаук присуствуваше и поранешниот претседател Кристијан Вулф, кој се наоѓа под истрага поради сомневањата дека примал подароци и пари од бизнисмени во периодот додека беше на чело на владата во покраината Долна Саксонија.

Гаук веќе започна со работа во претседателскиот кабинет, а неговата прва државничка посета е веќе закажана за в понеделник (26.03) кога заминува за Полска, каде се очекува да промовира поблиски односи со источниот сосед.

Петгодишниот мандат на германскиот претседател опфаќа претежно церемонијални функции. Тој потпишува закони, остварува државнички посети и претставува пред се’ морален авторитет во земјата.