1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Гаук: Германија не смее да се крие

Германскиот претседател Јоахим Гаук во интервју за Дојче Веле пледира за Германија како земја која презема одговорност во светот, во исклучителен случај дури и со оружје, ако на тој начин се спречува конфликт.

Германија мора да биде свесна за својата одговорност, изјави сојузниот претседател Јоахим Гаук во телевизиското интервју што го водеше раководителката на студиото на ДВ во Берлин, Дагмар Енгел. Порано, поради злосторствата во генерацијата на неговите родители, не сакал да се гледа себеси како Германец, рече Гаук. Сепак, Германија, во изминатите децении се менуваше чекор по чекор и созреваше, додаде претседателот. „Германија е сосема поинаква земја од онаа земја меѓу двете војни“, рече Гаук. Денес, и во споредба со другите европски држави, нема дефицити во демократската веродостојност на земјата, оцени тој. Во Германија владее правна сигурност, а има и социјална рамнотежа. Сето тоа придонесе Германија во светот да биде гледана како демократски пример, изјави во интервјуто за ДВ претседателот Гаук.

Според него, од ваквите промени произлегува и извесна одговорност, за која Германија мора да биде свесна. Како најголема земја во Европа, сојузната република не може да биде воздржана во однос на насилството во Украина, туку треба да преземе улога на посредник во кризата, заедно со други европски држави, смета Гаук и додава дека Германија не може да биде рамнодушна кон она што се случува во Украина.

Превенцијата на кризи, пред се‘ етнички кризи, е важно средство на одговорна надворешна политика, вели претседателот. Германија мора да го прошири својот поглед и во видокург да ги има и конфликтите во други делови на светот, не само во Украина, туку и во Средоземниот регион и да се праша дали можеби и таму нема потреба од тоа да преземе посредничка улога. Одговорноста се состои и од тоа - Германија да се залага и во оддалечените региони на светот за заштита на климата и обновливи енергии, нагласува Гаук.

Во случај на неопходност, според него, одговорноста значи и испраќање војници, во договор со меѓународната заедница. „Оваа возрасна Германија, која е гарант за стабилност и демократија, не смее да се крие“, убеден е германскиот претседател. Не е добро кога оружјето зборува, нагласува Гаук, „но понекогаш е уште полошо кога добрите го кријат своето оружје и оружјето им го препуштаат на лошите“. Во случајот на Сребреница или на РУнада стана јасно што може да се случи ако не се интервенира, вели Гаук.

Во однос на внатрешнополитичките теми, германскиот претседател во интервјуто за ДВ, меѓу другото, критикува што многумина во Германија стравуваат од доселувањето. Покрај демографските, има и многу културни причини „поради кои би требало да се радуваме на тоа“, изјави тој.