1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Гастарбајтерите“ бегаат од Шпанија

Економската состојба во Шпанија е се‘ полоша. Рецесијата се продлабочува, а подобрување не е на повидок. Тоа на своја кожа го чувствуваат и многубројните доселеници од Јужна Америка кои во Шпанија дојдоа на печалба.

Според најновите статистички податоци, шпанската економија тоне со голема брзина. Во второто тромесечје годинава, БДП е намален за 0,4 отсто. Во таква економска состојба најтешко им е на оние кои се наоѓаат на дното на хиерархијата на работоспобното население. А тоа се токму доселениците.

Една од нив е и Сандра Гомез од Еквадор. 48-годишната на мадридскиот аеродром го чека летот за дома. На ивица на солзи, таа го покажува својот куфер со тежина од 14 килограми. „Тоа е се’ што по 12 години работа во Шпанија носам дома“, вели Гомез.

И не е единствена. Илјадници „гастарбајтери“ во последниве месеци ја напуштија Шпанија. Нивниот сон за подобра иднина се распадна. За Сандра Гомез и нејзиното семејство проблемите почнаа пред две години. Нејзиниот сопруг ја загуби работата како електричар, по што побарал поддршка за невработени. Но, ваквата помош трае само две години, а потоа преминува во 6-месечна социјална помош од 430 евра. На крајот, семејството од Еквадор повеќе не можело да го отплаќа кредитот за стан, кој го купиле во подобри времиња.

Милиони странски работници

Илјадници јужноамериканци во последните две децении итаа кон Шпанија со надеж за добра заработувачка. Во Шпанија во тој период „цветаа“ градежништвото, земјоделството и туризмот- гранки кои бараат евтина работна сила. Шпанија не беше привлечна само за јужноамериканците. Дојдоа повеќе од 800 илјади Романци, околу 750 илјади работници од Мароко, како и речиси

половина милион од Еквадор. Според податоците на еквадорските власти, само во последните месеци во земјата се вратиле околу 15 илјади „гастарбајтери“ од Шпанија.

Шпанската влада уште во 2008 година им понуди програма за доброволно враќање во матичните земји на сите странски работници. На секој кој ќе прифати да се врати му беше понудена исплата на двегодишна изддршка за невработени. За возврат, тие требаше да се обврзат дека најмалку три години нема да се враќаат во Шпанија. Но, многу малку странски работници ја прифатија понудата. Се надеваа дека кризата ќе мине. Но, се случи спротивното- кризата се заостри и Шпанија дојде до ивица на колапс.

Во татковината е полесно

Во меѓувреме прогнозите предвидуваат крај на кризата во 2013. година, но се‘ помалку имигранти веруваат во нив и ја прифаќаат владината понуда. За многумина, враќањето значи и личен пораз.

„Срам ми е што залудно потрошив 12 години. Во Еквадор можев многу повеќе да постигнам“, вели Сандра Гомез. Нејзините деца пораснаа во Шпанија, и Еквадор го познаваат само како земја за одмор. Но, на многумина проблемите во татковината им се далеку поиздржливи отколку во туѓина.

„Таму се моите корени, таму е моето семејство“, вели Сандра Гомез.