1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Германија - мојата приказна

Гастарбајери од Југославија во Германија

Кога СР Гeрманија во 1968. година склучи Договор за привлекување работна сила со Југославија, дојдоа стотици илјади на привремена работа. Многумина до денес останаа во Германија.

„Јас сум гастарбајтер кој остана овде, оти моите деца живеат овде. Сите сонови за враќање се отсонувани“. Вака се претставува Драган Прибиќ. Неговата приказна е и приказната на многумина мигранти од првата генерација од поранешна Југославија.

Денес 62-годишниот Привиќ во Германија дојде во 1970. година од Белград. Во годините претходно економијата доживеа бум, а Сојузна Република Германија бараше работна сила. Уште во 1955. година Сојузна Република Германија потпиша Договор за привремена работна сила со Италија, наскоро потоа следуваа Шпанија, Грција, Турција, Португалија и во 1968. и Југославија. Драган Прибиќ слета во Франкфурт. Техничар по професија, кој не знаеше ниту еден збор на германски, што на почетокот не беше толку важно. „На почетокот сакав да останам тука само толку, додека да заштедам пари за автомобил, значи една до две години“.

Deutschland Geschichte Sonderzug für Gastarbeiter aus Jugoslawien Flash-Galerie

Југословенски гастарбајтери при нивното пристигнување во Германија

Работниците седеа на спакувани куфери

Вака размислуваа многумина, појаснува Лео Монц, раководител на Одделот за миграција при Управниот одбор на Германскиот сојуз на синдикати на ниво на држава.

„Странските работници кои дојдоа немаа перспектива долгорочно да останат во Сојузна Република Германија. Постојано пред очи ја имаа намерата да се вратат назад“. Токму поради тоа многумина мигранти - работници на почетокот не ги доведоа своите семејства. Кога двајцата брачни партнери беа во Германија, децата честопати остануваа „дома“, кај бабите и дедовците во Југославија.

Мигрантите од Југославија по правило имаа успех при барањето работа. Наспроти мнозинството гастарбајтери тие имаа добри квалификации - многумина беа занаетчии. Исто така работодавачите во Германија беа многу задоволни од нив, појаснува синдикалецот Лео Монц.

Само уште една година, а потоа уште една

И Драган Прибиќ брзо најде вработување како електричар, по кратко време зборуваше германски и ја запозна неговата идна сопруга. Се' течеше многу добро, си го купи првиот автомобил, но пораснаа и неговите потреби. „Мислев, можеби само уште еден мал стан... Потоа дојде поголем стан, на крајот куќа. Ако некој тогаш ми кажеше дека во Германија ќе останам 50 години, ќе мислев дека е луд“.

Во споредба со другите странски работници „Југосите“, како што тогаш се нарекуваа гастарбајтерите од Југославија, беа особено силно поддржувани од нивната држава. За ова говори и фактот што на пример многу југословенски клубови и здруженија во Германија беа соосновани и згрижени од југословенската амбасада или големиот број конзулати, вели Лео Монц. Германските синдикалци на ова гледаа со измешани чувства: „За нас тоа беше премногу мешање од државата, особено кога стануваше збор за тоа, да се дефинираат интересите на работниците“, појаснува Монц. „На другастрана во југословенската амбасада секогаш имавме партнер на кого можевме да му се обратиме, и кој беше одговорен за потребите на овие луѓе“.

Миграните остануваат во своето опкружување

„Привремените работници“, како што официјално се нарекуваа, преку ден работеа, а навечер ги посетуваа своите сопствени клубови: Денес би се рекло, тие живееја во едно парлалено општество. „Само малкумина гастарбајтери од првата генерација навистина се интегрираа. Се велеше: привремено сме овде, не треба да склопуваме големи пријателства со Германците, не треба политички да се ангажираме“, се присетува Прибиќ.

Ротацијата на работната сила - значи по неколку години едни да си одат и на нивно место да дојдат нови работници –не функционираше вистински. Ниту гастарбајтерите сакаа да се вратат во нивните се'уште сиромашни татковини, ниту германските работодавачи сакаа да се откажат од веќе обучените соработници. Така краткорочно повиканите работници прераснаа во мигранти со долг престој во Германија, кои потоа ги доведоа и своите семејства. Во тоа време писателот Макс Фриш ќе изјави; „Ние повикавме работна сила, дојдоа луѓе“.

Војната смени се'

Тоа е и приказната на семејството Прибиќ: наскоро се роди првото дете, потоа второто. „Прво сакавме да останеме овде, додека децата да тргнат на училиште, потоа сакавме да почекаме додека да го завршат училиштето. Во меѓувреме остаревме и тука добиваме пензија“, раскажува Прибиќ.

Serbische Flüchtlinge aus Kroatien in Bosnien und Herzegowina

Од Југословени станаа Македонци, Хрвати, Срби

Исто така и по стопирањето на Договорот за привлекување работници во 1973. година во наредните години постојано растеше бројот на Југословените, поради спојувањето на семејствата. Со почетокот на војната во Југославија во 1991. година бројот нагло се зголеми-мигрантите колку што е можно побрзо ги донесоа роднините во Германија, во земјата пристигнаа и голем број бегалци.

Со војната од Југословените одеднаш настанаа Хрвати, Срби, Босанци и Македонци. Исто така голем број југословенски ресторани исчезнаа преку ноќ, исто како и клубовите и здруженијата, за следното утро повторно да воскреснат под ново етничко знаме и ознака. „Овие национални разлики одеднаш станаа толку значајни, што доведоа до воени судири. За тоа бевме вистински  вчудовидени“, се сеќава Лео Монц. За него и повеќето луѓе во Германија овие разлики беа целосно незначајни, а војната речиси несфатлива. 

Куферите се распакувани

Во меѓувреме во Германија живее втората и третата генерација, која потекнува од поранешна Југославија и нејзините земји наследнички. Вкупно се проценува дека тука живеат до 1,5 милиони мигранти од овие држави. Многумина од нив веќе имаат германско државјанство.

Помладите се сметаат за добро интегрирани, многумина од постарите го пропуштија вистинскиот момент за враќање. Тие ќе останат во Германија, како и Драган Прибиќ. Со 62 години тој се'уште е активен, пред неколку години беше именуван за постар советник на Германскиот сојуз на осигурувања. Тој бесплатно ги советува мигрантите од поранешна Југославија за нивните права за стекнување пензија. Неговите клиенти често се неговите сограѓани, кои исто како и тој пред повеќе децении дојдоа на привремена работа како гастарбајтери и со децата останаа овде.