1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Гасна“ криза во Европа

Русија денеска драстично ги намали испораките на природен гас наменети за земјите во Европа, кои минуваат низ гасоводите во Украина.Најпогодени во моментов се земјите од Југоисточна Европа.

default

Русија ги затвори вентилите за проток на природен гас кон Европа

Рускиот енергетски концерн „Гаспром“ ја спроведе вчерашната одлука за намалување на испораките на гас за Европа, еднакво на количествата што, според тврдењата на „Гаспром“, Украина претходните денови ги украла од транзитните гасоводи. Повеќе земјите од Европа и од Југоисточна Европа кои веќе се драстично намалени или целосно запрени испораките на руски гас до нив.

Ситуацијата со испораките на руски гас до Европа се промени многу драматично во текот на ноќта и станува се’ полоша, изјави претпладнево чешкиот министер за индустрија и трговија, Мартин Римин, кој ја предводи делегацијата на Европската унија, која денеска престојува во Киев за да собере повеќе податоци за спорот меѓу Русија и Украина околу идната цена на гасот и неисплатените украински долгови за рускиот гас.

Gasstreit Russland Ukraine

Кризна ситуација на Балканот

Римин потврди дека количествата гас што се транспортираат од Русија кон Украина се намалени и оти ситуацијата со снабдувањето на Европа се влошува.

Особено драматична е состојбата со снабдувањето со руски гас преку Украина на Балканот. Бугарскиот министер за економија и енергија, Петар Димитров, соопшти дека во 3.30 часот наутро протокот на гас кон Бугарија бил целосно запрен, а со тоа и неговиот транзит кон Македонија, Турција и Грција. „Се наоѓаме во кризна ситуација“, изјави Димитров, чија земја, исто како и Македонија, нема алтернативен извор за снабдување со гас, за разлика од Турција и Грција. Претпладнево и Хрватска соопшти дека се целосно запрени испораките на руски гас до оваа земја. Романија пријави намалување на протокот на руски гас за 75 проценти, Унгарија за 80%, а Австрија и Чешка за деведесет проценти.

Украинската државна енергетска компанија „Нафтогас“ соопшти дека протокот на руски гас низ украинска територија е намален за две-третини со што се загрозува испораката за гас и до Германија, најголемата економија во Европската унија.

Меѓутоа, повеќето поголеми држави-членки на ЕУ претходно соопштија дека имаат големи залихи од гас и оти имаат пристап до алтернативни извори за снабдување со гас, на пример, од Норвешка и од Алжир.

Gasstreit Russland Ukraine Gazprom

Шефот на „Гаспром“, Алексеј Милер

Препукувањата меѓу Москва и Киев продолжуваат

Русија ги запре испораките за гас наменет за домашна употреба во Украина на први јануари, откако пропадна обидот за надминување на спорот околу тоа колкава цена треба да плаќа Киев за рускиот гас во иднина и како да и’ ги исплати заостанатите долгови.

Рускиот премиер Владимир Путин вчера отиде чекор натаму и на средбата со првиот човек на „Гаспром“, Алексеј Милер, издаде наредба за намалување на испораките на гас за Европа во еднакви количества на оние за кои Москва ја обвинува Украина дека ги украла. Меѓутоа, Путин и Милер најавија дека „Гаспром“ ќе стори се’ што е во негова моќ да го надомести ова со зголемени испораки на гас за Европа преку транзитните гасоводи во Белорусија, Полска и Турција.

Украинската компанија „Нафтогас“ ги демантираше руските обвинувања и порача дека „Гаспром“ ги намалува испораките за Европа за да издејствува ЕУ да изврши поголем притисок врз Украина да ги прифати руските барања.

DW.COM