1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Гардијан не ја загрози британската безбедност“

За британските владејачки конзервативци е јасно: НСА-документите на Едвард Сноуден ја загрозуваат националната безбедност. Шефот на весникот „Гардијан“, каде тие беа објавени, беше сослушан пред надлежната Комисија.

Комисијата за внатрешни прашања на британскиот Долен дом на Парламентот ја истражува аферата со тајната служба и масовното собирање електронски податоци и прислушување, која ја покрена и британскиот весник „Гардијан“, поради што на сослушување беше повикан и неговиот уредник, а тоа беше пренесувано во живо преку телевизијата. Алан Расбриџер, главниот уредник на „Гардијан“, притоа изјави дека весникот објавил само еден процент од материјалите добиени од поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност Едвард Сноуден.

Истовремено, Расбриџер ги отфрли обвинувањата дека весникот „Гардијан“ ги загрозил животите на Британците или националната безбедност со објавувањето на тие документи. Тие во моментов се на сигурно место, распределени на четири континенти. Во ниеден момент не постоела опасност документите на „Гардијан“ да стигнат во погрешни раце:

„Не загубивме контрола над документите во ниеден момент, за разлика од НСА“, истакна Расбриџер, дополнувајќи дека не биле објавени имиња и со тоа е избегнато и загрозување на луѓе.

Расбриџер, на сослушувањето пред Комисијата за внатрешни прашања на британскиот парламент во рамките на седницата посветена на антитероризмот, изјави дека Сноуден на „Гардијан“ му предал околу 58.000 документи, а дека весникот објавил околу еден процент од вкупните материјали. „Гардијан“ објави серија текстови базирани на податоци кои Сноуден ги откри за шпионирање на интернет и прислушување на телефонските разговори спроведувани од разузнавачките служби на САД и Велика Британија.

Сноуден, кој моментно се наоѓа во егзил во Русија, документите ги предал натамошно на повеќе медиуми во светот, покрај „Гардијан“, тука се и „Вашингтон пост“ и германски „Шпигел“.

На почетокот на ноември пред британската Комисија беа сослушани и тројца шефови на британската тајна служба.

„Нашите противници си ги тријат задоволно рацете“, изјави тогаш Џон Соерс, кој ја води тајната служба МИ16. Разузнавачите ги толкуваат разоткриените податоци од Сноуден како „подарок за Ал Каеда и другите терористи“. Летоска британските тајни служби го принудија „Гардијан“ на уништување на тајните документи кои потекнуваат од Сноуден. Расбриџ посведочи - двајца тајни агенти на британската тајна служба (GCHQ) го надгледувале уништувањето, што за него се „најбизарните моменти“ во долгата историја на весникот.