1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Гардијан“: Британската влада не‘ принуди на бришење на досиејата

Главниот уредник на весникот „Гардијан“ зборува за огромен притисок од страна на политиката и за еден од „најбизарните моменти“ во историјата на овој весник.

Британскиот весник „Гардијан“, според сопствени тврдења, бил изложен на огормни притисоци од страна на британската влада поради тајните документи на поранешниот соработник на американската НСА, Едвард Сноуден. Главниот уредник Алан Расбриџер (на насловната фотографија) доцна синоќа објави дека весникот бил повикан или да ги уништи или да ги предаде материјалите на Сноуден, уште по објавувањето на првиот извештај за овој случај. Владата се заканила дека ќе преземе правни мерки против весникот.

Потоа во редакцијата биле уништени носачите на податоци. Главниот уредник Расбриџер пишува и дека двајца соработници на британските тајни служби во зградата на весникот го надгледувале уништувањето на хард дисковите. Ова бил еден од „најбизарните моменти“ во долгата историја на „Гардијан“.

Symbolbild Überwachung Internet Spionage Kabel

Високи службеници на владата во Лондон барале уништување на материјалите од Сноуден

Главниот уредник Расбриџер информира дека пред повеќе од два месеца бил контактиран од висок службеник на владата на премиерот Дејвид Камерон. На две натамошни средби било побарано враќање или уништување на сите материјали на кои работел весникот. Пред речиси еден месец тој добил телефонски повик од владата, во кој му било соопштено: „Ја добивте вашата забава: Сега ги сакаме работите назад“. На друга средба барањето било исто: уништување или враќање.

Расбриџер се изјасни дека „Гардијан“ не би можел натамошно да работи на оваа тема доколку ги исполни овие барања. Владиниот соработник сметал: „Ја добивте Вашата дебата. Нема причина, да се пишува уште повеќе“.

Приведувањето на Миранда и натаму ја бранува политиката

Извештајот на Расбриџер во денешното издание на „Гардијан“ следува само два дена по случајот со сослушувањето на животниот придружник на новинарот на „Гардијан“ Глен Гринвалд, кој ги обелодени тајните информации на Сноуден. Поради деветчасовното задржување на Бразилецот Дејвид Миранда на аеродромот Хитроу во Лондон Бразил бара објаснување од Велика Британија.

Glenn Greenwald und David Miranda

Глен Гринвалд и Дејвид Миранда

Министерот за надворешни работи Антонио Патриота најави дека за тоа ќе разговара со неговиот британски колега Вилијам Хејг. Патриота имено изјави дека временото приведување на Миранда било неоправдано. „Очекувам дека ова нема да се повтори“, рекол министерот. „И натаму доживуваме некои екцеси и заблуди по прашањето за борба против тероризмот“, дополнил тој. Оваа борба би морала да се заснова на основите на мулилатерализмот, на меѓународното право и реалност.

Миранда вчера, при пристигнувањето на аеродромот во Рио де Жанеиро, ја повика бразилската влада да реагира против неговото приведување на аеродромот во Лондон. „Очекувам бразилската влада да преземе нешто, бидејќи луѓето не знаат што навистина се случува“, изјавил Миранда, а пренесува весникот „Фолха де Сао Паоло“. Британците задржувањето на Миранда го правдаа со законот за анти-тероризам кој овозможува задржување на лица без судски налог и без право на правна помош.

Владата на САД, која поради откритијата за тајните програми за надгледување на американските и британските тајни служби сака да го изведе Ед Сноуден пред суд, отфрла секаква поврзаност со случајот во Лондон. „Соединетите држави не се инволвирани“, рече портпаролот на Белата куќа Џош Ернест во Вашингтон.