1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Гаранција за вработување за младите во ЕУ?

Невработеноста меѓу младите во ЕУ е алармантно висока. Затоа Еврокомисијата денеска ќе претстави план за справување со проблемот кој, меѓу другото, предвидува гаранција за вработување на Европејците помлади од 25 години.

Повеќе од пет милиони млади во Европската унија се невработени, а тој број би требало и натаму да расте. Состојбата е тешка пред се’ на југот на Европа. Поради тоа, ЕУ за решавање на овој проблем подготви нов план.

За основните одредби на планот се расправа веќе со месеци. Начелно, секој Европеец помлад од 25 години би требало да добие т.н гаранција за вработување. Најдоцна четири месеци по завршувањето на образованието на секој млад човек би требало да му се отвори некаква работна перспектива - ново работно место или можност за натамошно образување или доколку нема ништо друго, посетување на практична настава. За овие мерки се дискутира поради тоа што младите се‘ потешко наоѓаат можност успешно да се вклучат на пазарот на труд. Еврокомесарот за социјални прашања Ласло Андор денеска (05.12) треба официјално да ги претстави деталите од планот.

ЕУ нема надлежност

Но претставникот на Меѓународната организација за труд (ИЛО) Екехард Ернст смета дека проблемот со ваквите планови може да претставува фактот што ЕУ нема многу правни основи според кои може да влијае врз состојбата со невработеноста: „Образованието припаѓа во надлежностите на секоја поединечна земја членка. Тука ЕУ не може да има влијание“, смета и аналитичарот на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) Карл Бренке. ЕУ, меѓутоа, може барем да ги советува земјите-членки што треба да направат по ова прашање.

А тие совети би се засновале на позитивните примери од праксата: Во Шведска таквата програма со гаранција функционира уште од деведесетите години на минатиот век. И во Австрија во последните неколку години се применува сличен систем. И во двете земји стапката на невработеност кај младите е ниска. Во Австрија таа изнесува нешто повеќе од осум насто. Од друга страна, во Шпанија и во Грција, каде вакви програми не постојат, невработена е секоја втора млада личност.

Јужна Европа не е средна Европа

Но јужна Европа и средна Европа не можат туку-така да се споредуваат, предупредува Карл Бренке. На југот на стариот континент на младите честопати им недостасува практично искуство. „Тие главно се образуваат во училиште, а кога ќе го завршат образованието, многу им е тешко да го направат првиот чекор.“ Дуален систем на образование каков што постои во средна Европа многу би го олеснил овој почеток.

Deutschland Berufsschule in Stuttgart Klasse Flash-Galerie

Од една страна, младите луѓе стекнуваат теоретско знаење, но истовремено веќе се во контакт со компаниите. Така можат многу порано да стекнат искуства во работниот свет. Шпанија дури сега започна да го прилагодува својот образовен систем со средноевропскиот.

Освен тоа во Австрија на пример постои практика на блиска соработка меѓу јавниот сектор и средно големите претпријатија. Во други земји тоа не е така. Краткорочно практичната настава би можела да помогне, но во земјите во кои економијата е во криза не може да има долгорочни решенија, сметаат експертите. Без оглед на тоа, ЕУ очекува поддршка за својот план и од земјите од југот на Европа. Како поттик би требало да послужат европските социјални фондови, бидејќи парите од тие фондови во одделни држави би можеле да бидат употребени за финансирање на програмата за вработување на млади.