1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гамбари денеска ќе го извести Советот за безбедност на ОН за мисијата во Мијанмар

Опозицијата во меѓувреме ја отфрли понудата на воената хунта за директни преговори, затоа што содржи неприфатливи услови.

default

Специјалниот пратеник на ОН Ибрахим Гамбари на средбата со лидерот на опозицијата Аунг Сан Су Чи во Рангун

Партијата на лидерот на опозицијата во Мијанмар, Аунг Сан Су Чи ја отфрли понудата на шефот на воента хунта Тан Шве за директни разговори. Висок претставник на партијата денеска изјави дека понудата не е сериозна, бидејќи условите со кои е поврзана се неприфатливи. Еве што јавуваат агенциите утринава за и околу поранешна Бурма.

Државните медиуми во Мијанмар ненадејно објавија понуда на генералот Тан Шве за директни преговори со лидерот на опозицијата Аунг Сан Су Чи. При тоа водачот на воената хунта побара Сан Су Чи да се откаже од ставот на конфронтација со актуелната воена власт, како и да престане да заговара санкции против сопствената земја. Понудата заедно со предусловите генералот Тан Шве му ја соопштил веќе на пратеникот на ОН, Ибрахим Гамбари за време на неговата посета на Мијанмар во текот на неделава. Генералот побарал од Гамбари и укинување на санкциите на Западните земји како дополнителен услов за средбата со лидерот на опозицијата Аунг Сан Су Чи.

За сите детали од средбите и разговорите во Мијанмар, Гамбари синоќа го извести генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. Средбата се одржа зад затворени врати, така што детали за содржината не се познати. Специјалниот пратеник Гмбари меѓутоа денеска се очекува да поднесе извештај и пред Советот за безбедност на ОН.

Понудата на шефот на воената хунта наиде на скепса и кај припадниците на опозицијата на Мијанмар кои живеат во егзил. Тоа е само тактички маневар на хунтата, оцени Кин Маунг Вин за радио станицата “Демократски глас на Бурма“. Понудата е поврзана со неприфатливи услови, порача Вин преку брановите на радиото со седиште во Норвешка.

Во Мијанмар во меѓувреме продолжува бранот апсаења на учесниците во демонстрациите. Хунтата очигледно има прецизни списоци на лица кои ги предводеа мирните демонстрации, изготвени врз основа на снимки од протестите. Според државната телевизија, поради протестите биле уапсени околу 2.000 лица. Независни извори за британската ТВ станица БиБиСи пак тврдат дека станува збор за најмалку 10.000 лица, меѓу кои и голем број будистички монаси. Што се однесува пак до бројот на жртвите, хунтата останува и понатаму на вкупно 13, додека опозицијата тврди дека има најмалку 200 загинати при задушувањето на мирните протести.