1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гадафи се крие во пустината?

И натаму владее неизвесност, каде е всушност Гадафи. Британски медиуми јавуваат дека соборениот либиски лидер се крие во реонот на градот Бани Валид, што се наоѓа 150 километри јужно од Триполи.

default

Потрага по Моамер Гадафи

Европската Унија денеска делумно ги укина санкциите воведени против режимот на Гадафи. Претставникот за надворешна политика на Унијата Кетрин Ештон соопшти дека решението се однесува на 28 либиски претпријатија или органи на власта. Цел на укинувањето на санкциите е на либискиот Национален преоден совет и на народот да му се ставаат на располагање ресурси за обнова на стопанството на земјата, рече Ештон. Остануваат во сила санкциите против Гадафи, неговото семејство и блиските соработници.

Решението доаѓа неколку часови пред почетокот на најавената конференција „Пријатели на Либија“, што ќе се одржи во Париз, а е посветена на подготовка на власта по соборувањето на Моамер Гадафи. На конференцијата ќе учествува и германската канцеларка Ангела Меркел, а доаѓањето го најави и рускиот претседател  Дмитри Медведев. Русија во меѓувреме го призна т.н Национален преоден совет на бунтовниците во Либија како легитимен застапник на земјата. Кремљ ја поздрави реформската програма на бунтовниците, која предвидува нов устав и демократски избори во Либија. До крајот на минатиот месец Русија решително ја отфрлаше можноста за признавање на бунтовниците како политички фактор во Либија. 

Libyen Beerdigung Tripolis Rebellen Gaddafi Friedhof

Франција си обезбедила предност

Инаку, францускиот весник „Либерасион“ денеска (01.09.2011) известува дека Франција уште на почетокот од конфликтот во Либија склучила договор со Советот на бунтовниците, кој и’ обезбедува 35 проценти од либиската нафта во замена за целосна поддршка. Весникот притоа се повикува на документ од 3 април годинава. Министерот за надворешни работи Алан Жипе не ја потврди веста, но рече дека е логично, државите кои го поддржуваа Преодниот национален совет на Либија да добијат привилегии во обновата на земјата.

Алжир не го прима Гадафи

Во  самата Либија, пак, и натаму се заканува крвопролевање во Сирт, роден град на Моамер ал Гадафи. Според телевизијата Ал Џазира, половина од населението на 75-илјадниот град било за борба против трупите на бунтовниците, а другата половина за капитулација. Наводно, од приврзениците на Гадафи угледни племенски претставници барале да им дозволат на жените и децата да го напуштат градот. Бунтовниците концентрирале 150 тенкови околу градот. Рокот од ултиматумот за предавање, што им го поставија тие на трупите на Гадафи е продолжен за една недела.

Алжирскиот весник „Ал-Ватан“ пишува дека претседателот Абделазиз Бутефлика не одговорил на повикот на Моамер Гадафи за доделување политички азил и одбил директен контакт со него. Според весникот, Алжир е подготвен да го признае Преодниот национален совет на Либија, доколку тој формира влада која би ги претставувала сите региони.

Libyen Gaddafi Flucht Algerien Rebellen 30.08.2011

И натаму владее неизвесност, каде е всушност Гадафи. Британски медиуми јавуваат дека соборениот либиски лидер се крие во реонот на градот Бани Валид, што се наоѓа 150 километри јужно од Триполи и се повикуваат на „извор на кој може да му се верува“. Во овој град, сместен во Сахара, наводно Гадафи заминал од Триполи со синот Саиф ал Ислам и со својот шеф за разузнавање со неколку автомобили пред три дена.

Претходно бунтовничките сили објавија дека Гадафи се крие во Сабха. Засега е нејасна и судбината на Камис, синот на Гадафи за кого Скај објави дека е убиен, повикувајќи се на тврдењето на еден од неговите млади телохранители. Откритието дека Гадафи е во Бани Валид, доаѓа по публикувањето на две спротивставени изјави на двајца од синовите на соборениот лидер. Според Саиф ал Ислам, во снимена изјава за прогадафи ТВ каналот Ал Араи, што е сместен во Сирија, борбата продолжува до смрт, порачувајќи дека татко му е „добар и се наоѓа на сигурно“. Другиот син, Саади Гадафи за Ал Арабија, потврди дека преговара за прекин на шестмесечното непријателство и меѓусебното убивање на Либијците. Тој инсистира дека за тоа претходно разговарал со својот татко и дека од него има овластување да преговара со бунтовниците за прекин на војувањето.

Автор: ЗЈ/ЖА/дпа/дв/афп

Редактор: Жана Ацеска

 

DW.COM